Две фирми на адресата каде што е регистриран Онишченко во Пржино, олигархот негира поврзаност со нив

Фото: Слободен печат - Драган Митрески, Инстаграм / Колаж: Слободен печат.

На адресата во скопско Пржино, каде во избирачкиот список е регистриран Олександр Онишченко, лани во 2021 година, во рок од три месеци регистрирани се две фирми. „Слободен печат“ го праша Онишченко дали и каква е неговата поврзаност со овие фирми, но тој рече дека нема поврзаност со нив. Навистина, формално тие се регистрирани на името на домаќинот на Онишченко, кошаркарот Игор Пенов, чијшто татко Милчо Пенов физички се пресмета со снимател кој дојде да го снима живеалиштето каде контроверзниот експолитичар фиктивно бил регистриран со „позајмена адреса“ од сопственикот.

Првата фирма Грант Го Консалтинг и услуги ДОО Скопје, е регистрирана во жолтата куќа каде своја адреса во избирачкиот список има и Онишченко и основана е на 22 јуни 2021 година. Нема веб страница. На Фејсбук пишува дека фирмата е компанија за консултации, обука и истражување, специјализирана за пишување на наменски проектни апликации за повици објавени од Фондот за иновации и технолошки развој. Фирмата според описот работи со свои клиенти од различни области и го води целиот процес при аплицирање за грантови наменети за постоечки и старт ап компании.

Втората фирма, се вика Дваесет и два.22 ДООЕЛ Скопје и е основана три месеци порано, на 15 март 2021 година со непаричен влог од над 300 илјади денари. За неа на интернет нема никакви информации, ниту со што се занимава.

Кога нашата екипа отиде на местото да разговара со домаќините на Онишченко во Пржино немаше никаква табла или ознака дека на оваа адреса има и две фирми. Но тие фигурираат во Централниот регистар како активни фирми. Онишченко во меѓувреме, упорно одбива да открие која фирма ја отворил во Македонија и со кој бизнис планира да се занимава во државата. И вториот пат кога го прашавме, дециден беше дека не сака да зборува за бизнисот во Македонија кој го планира ниту за областа на делување на тој бизнис. Емисијата „Код“, повикувајќи се на свои извори, во синоќешната емисија објави дека Онишченко со бизнис партнер од Македонија почнал постапка во скопска адвокатска канцеларија за отворање фирма за снабдување со гас во Македонија.

Во Фондот за иновации прашавме колку пари добиле фирмите кои што ја користеле оваа консултантска фирма и кои се тие фирми што добиле средства, ако воопшто постојат, но оттаму добивме одговор дека Фондот за иновации и развој не располага со податок дали воопшто и која консултантска фирма има изработено проектна апликација за компаниите кои аплицирале на јавните повици.

Во Германија, пак, како што ни изјави во интервјуто за „Слободен печат“, Онишченко има фирма „Гут Еинхаус Лиегеншафт ГМБХ“. Нашите проверки покажаа дека низ годините, Онишченко во оваа фирма те се појавува, те не се појавува како управен директор. Неговата сопруга Дарја Вакулина, според јавно достапните податоци за првпат станува управен директор на фирмата на 14.11.2019 година, само три месеци откако стапуваат во брак. На 4.10.2021 година, Онишченко пак станува управен директор. На 25 јануари 2022 година, жена му Дарја пак станува управен директор се до последната промена од 18 мај годинава, кога Онишченко пак е управен директор на фирмата. Исто така при промената на статусот на управен директор Онишченко еднаш е Олександр, а другпат Александр, односно се работи за комбинација од името која е различна и можеби сугерира дека станува збор за различен сет на документи кои биле користени.

Како Онишченко доби македонско државјанство

И во македонскиот систем за добивање на државјанството, според нашите информации, има чудни работи. На пример, како држава на раѓање на Онишченко е заведена Украина, а како место на раѓање Русија. Како е можно такви пропусти да бидат направени, не е јасно. За да аплицира за државјанство, Онишченко морал да ги даде и имињата на своите родители, Инеса Кадирова и Раџаб Кадиров, за кои на интернет има доста да се прочита од достапните информации. Со други зборови, сите институции морале да знаат за каков профил на човек даваат државјанство. Онишченко до нашата редакција испрати документ дека не е веќе на листата на Интерпол од 25 април 2017 година, но во документот пишува дека во минатото бил во базата на податоци на Интерпол која подоцна била откажана. Ни ова не ги вознемирило македонските институции.

Дополнително, постапката да добие државјанство на Онишченко течела исклучително мазно и според датумите во МВР.

Во Одделението за управни работи на МВР во МТВ, Онишченко на 13 јуни 2022 година поднел барање за издавање македонски пасош по итна постапка и уште утредента на 14 јуни готовата патна исправа си ја подигнал. До одделението за управни работи поднел барање за пријавување на живеалиште во Скопје и кон барањето доставил договор за закуп на недвижен имот и копија од македонска патна исправа. Станува збор за жолтата куќа во Пржино за која другите станари, Милчо Пенов и Игор Пенов ни рекоа дека Онишченко никогаш не дошол. Договорот за закуп, според одговорот кој „Слободен печат“ го доби од МВР е склучен на неопределено време.

Полицијата дури и отишла да го провери на оваа адреса на 7 јули годинава, и од МВР велат дека на адресата го нашле, иако Милчо Пенов за „Слободен печат“ тоа изрично го негираше, велејќи дека никогаш Онишченко на таа адреса не дошол.

По барање на одделението за управни работи Скопје, на 7 јули 2022 година, извршена е теренска проверка од страна на единицата за внатрешни работи Кисела Вода по што е изготвено решение со кое се одобрува барањето за пријавување на живеалиште на град Скопје, велат од МВР за „Слободен печат“.

Членот 7 од Законот за државјанство предвидува да не се дава државјанство на човек за кој има кривична постапка во државата чиј државјанин е како и неговиот прием да не ја загрозува безбедноста и одбраната на Македонија.

АНБ лоцирала одговорност во секторот за соработка со стратешките партнери односно кај агенти чии имиња се КЛАСИФИЦИРАНА информација. Најверојатно тие ќе заработат суспензија зашто иако потпишале дека за Онишченко има позитивно мислење да добие македонско државјанство од стратешките партнери, всушност никогаш не ги исконтактирале за потврда. На таквата нивна позитивна проверка потпис потоа ставил и актуелниот директор на АНБ Виктор Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот