Ексклузивно интервју на Олександр Онишченко за „Слободен печат“: Имав американско државјанство и бев еден од најбогатите луѓе во Украина, немам зошто да се бавам со проституција

Онишченко (лево) во Дубаи, фотографија која тој ја испрати до редакцијата на „Слободен печат“ додека даваше интервју заедно со Лука Заложник

Олександр Онишченко, новопечениот македонски државјанин, е во Дубаи на одмор, додека еден куп институции во државата се вознемирени како да објаснат зошто му дале државјанство.

Директорот на АНБ Виктор Димовски во петок ќе реферира пред собраниската комисија за околностите и проверките кои следеле или пак биле пропуштени за Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие државјанство во Македонија. Со Онишченко во контакт стапивме телефонски и му поставивме прашања за обвинувањата за неговото државјанство во Македонија – како дошло до околностите да стане македонски државјанин, зошто е на црната листа на САД, за непријатните работи во светските весници кои го поврзувааат со проституција, итн. Тој во текот на разговорот ни ја испрати својата германска „лична карта“ и рече дека ако имал проблеми, Германија никогаш не би му дала документи. Документот за кој тој тврди дека е лична карта е изваден во јуни оваа година. Во моментов немаме потврда дека презентираниот документ е автентична германска исправа за лична идентификација.

Идентификацијата која Онишченко ја испрати до редакцијата на Слободен печат/Фото обработка/Слободен печат

Дали некогаш сте биле обвинет за подведување на проституција заедно со Валид Арфуш и како заврши тој случај?

Онишченко: Никогаш не сум имал работа со господинот Арфуш. Мислам дека ова е плод на вашата имагинација. Бев еден од најбогатите луѓе во Украина и немам потреба да се занимавам со проституција.

Какво е вашето објаснување за тоа дека сте на црната листа на САД. Зошто е тоа така?

Онишченко: Никогаш не сум бил на црната листа на САД. До 2010 година имав американско државјанство. Но, ме ставија на таа листа во 2021 година зашто мој пријател е Трамп и зборував за син му на Бајден. Нема ниту еден судски случај против мене во светот. Ниту во Украина. Победив во сите судови. Луѓето и весниците си зборуваат. Нема ниеден доказ. Коњичката федерација од мене побара пред две години да бидам репрезентативец. Се квалификував за Украина четирипати за Олимписките игри и дадов голем дел од своето искуство.

Добро, но за делот околу македонското државјанство и за тоа дека сте регистриран на адреса каде никогаш не сте се појавиле…

Онишченко: Прво сакам да кажам дека пред Македонија, Германија ми ги даде сите документи и живеам во Германија. Во Македонија бев регистриран во куќа на кошаркар и го знам многу добро него. И државјанството го вадев две години. Многу време поминав во Скопје и целата процедура ја спроведов легално.

Фотографијата која Онишченко ја испрати до редакцијата на Слободен печат од Дубаи/Фото: Слободен печат

Како го запознавте кошаркарот Игор Пенов, дали имате клуб во Македонија во кој што сте регистриран?

Онишченко: Да, клубот „Дона“. Кошаркарот Игор го запознав во неговиот хотел.

Спортската јавност го знае Влатко Стефановски како голем инвеститор во спортот. Дали сте го запознале и дали ви предложил тој да станете македонски државјанин преку федерацијата?

Онишченко: Јас сум во неговиот коњички клуб. А тој ми испраќа деца да ги тренирам во мојот објект во Германија. Планот е да направиме тим за Олимписките игри и се разбира, ќе го поддржам тоа. Во Македонија отворив компанија и ќе инвестирам во економијата, заедно со мојот зет. Фирмата е отворена. И исто така имам голема компанија во Германија каде сум сопственик и директор. „Гут Еинхаус Лиегеншафт“ ГМБХ. Во Македонија ќе инвестирам, економски. Не сакам за печатот да го откривам името на мојата фирма.

Зошто тогаш во медиумите има толку негативни работи за вас? Освен за коњичките спортови речиси и да не може да се прочита нешто убаво за вас?

Онишченко: Затоа што бев во политиката и се борев против претседателот Порошенко. И откако кажав дека син му на Бајден е корумпиран. Така почнаа сите проблеми. Како што реков, нема ниеден судски случај против мене во светот. Кога станав член на украинскиот парламент се откажав од американскиот пасош.

Кои се луѓето во Македонија кои ги сметате за блиски до вас?

Онишченко: Лука Заложник, јавач. Всушност тој ме покани да бидам спонзор и да бидам член на македонската репрезентација.

Олигархот Олександр Онишченко во Шпанија посакал македонско државјанство, а контакт со Коњичката федерација му бил Лука Заложник

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот