Димовски в петок ќе објаснува пред собраниската Комисија за државјанството на Онишченко

Виктор Димовски, директор на АНБ / Фото: Архива на Слободен печат

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски го потврдил присуството на собраниската Комисија за надзор врз работата на АНБ за лично да ги изнесе своите ставови за скандалот со државјанството на украинскиот политичар Олександр Онишченко, потврди за „Слободен печат“ претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов.

Иако комисијата е закажана за утре напладне, Димовски пред членовите на комисијата ќе реферира в петок, бидејќи два дена службено ќе биде во Брисел.

– Димовски ме контактира и ме извести дека утре нема да биде во земјава, но дека сака лично пред Комисијата да ги каже своите ставови. Јас утре ќе ја отворам седницата, ќе ги поделам материјалите на членовите на Комисијата и ќе го утврдиме дневниот ред. Комисијата ќе продолжи в петок, за кога се очекува да присуствува директорот на АНБ – ни изјави Пренџов.

Тој објаснува дека седницата на Комисијата е закажана да биде отворена за јавноста, но ако Димовски побара, поради доверливост на информации, седницата ќе биде од затворен тип.

Според информациите кои ги имаме, меѓу материјалите кои ќе бидат тема на Комисијата ќе бидат сите досега јавно објавени информации за скандалот со државјанството на Онишченко, бидејќи досега ништо од наведеното не е демантирано.

По епилогот од расправата на Комисијата за надзор врз работата на АНБ, следната недела претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски ќе го закаже продолжението на седницата за новите амбасадор, меѓу кои и предлогот Виктор Димовски да биде новиот амбасадор на Македонија во Франција. Премиерот Димитар Ковачевски го повика Милошоски да ја свика Комисијата. На прашањето дали директорот АНБ, Виктор Димовски, ќе биде отповикан, бидејќи, сепак, треба да биде испратен на амбасадорска позиција во земја членка на ЕУ, односно во Франција, премиерот порача одговори за тоа да се бараат во Комисијата за надворешни работи која ја води опозицијата.

-Го повикувам претседателот на Комисијата за надворешни работи да свика седница каде што директорот на АНБ и предложен амбасадор ќе може да даде одговор на сите прашања што ќе му бидат поставени – рече Ковачевски.

Милошоски вели дека седницата на Комисијата за новите амбасадори е свикана и дека веќе пред членовите на собраниското тело реферирале двајца амбасадори и оти на ред се кандидатите за амбасадори Зеќир Рамчиловиќ за Црна Гора и Виктор Димовски за Париз.

-Седницата најверојатно ќе продолжи идната недела. Ќе го почекам исходот од Комисијата за надзор врз работата над АНБ, односно дали ќе се покаже дека Димовски не сноси одговорност за издавањето македонско државјанство на Онишченко или пак, како директор на АНБ е одговорен. Ако се утврди одговорност, ќе сугерираме Владата да размисли за номинациjата на Димовски за амбасадор во Франција – вели Милошоски.

Пренџов за утре свика итна седница на Комисијата со единствена точка на дневен ред – улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Олександр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство. Пренџов изјави дека од Димовски ќе бара да „објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е една од институциите кои дале позитивно мислење за доделување македонски државјанство на украинскиот политичар Олександр Онишченко кој се наоѓа на листата на санкционирани личности од САД, на која е ставен во јануари 2021 година, поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори“.

Покрај АНБ, позитивно мислење дале и Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот