Двајца Бугари, сопственици на банка во земјава, се под истрага на САД за рекетирање и измама

Прва инвестициска банка / фото:Бирд.бг/принтскрин

Сопствениците на бугарската Прва инвестициска банка (ПИБ), Цеко Минев и Ивајло Мутафчиев, во чија сопственост е и македонската УНИ Банка, се под истрага по американскиот закон РИКО (Racketeer Influenced and Corrupt Organizations Act) за борба со рекетот и измамите, објави бугарскиот веб-портал Народ.бг, повикувајќи се на дипломатски извори.

Доколку бидат официјално вклучени во списоците на осомничени по РИКО, двајцата бугарски банкари ризикуваат да бидат казнети со одземање имот, забрана за вршење на дејноста, како и со санкции против сите кои биле вклучени во зделки со нив, пишува порталот. Важно е да се нагласи дека евентуалните санкции нема да влијаат врз работата на банката, туку ќе ги засегнат само двајцата сопственици, објаснува изворот за Народ.бг.

Сопствениците на Првата инвестициска банка и на УНИ Банка, Цеко Минев и Ивајло Мутафчиев / фото: Бирд.бг

Во исто време, бугарскиот истражувачки портал Бирд.бг објави дека Минев и Мутафџиев, кои имаат по 36,45 % од сопственоста на УНИ Банка во Македонија, се спомнуваат и во документите Пандора, најновиот скандал со докази за офшор-сметки на кои богатите и моќните ги криеле парите и избегнувале даноци.

Повикувајќи се на документите од Пандора, новинарите пишуваат дека бугарските банкари имале регистрирано офшор компании на Британските Девствени Острови. Фирмите поврзани со нив земале кредити од Првата инвестициска банка, која досега трипати беше спасувана со државни пари. Според документите, банката на мал број луѓе и фирми во сопственост на кипарски Грк, кој е поврзан со Минев и Мутафџиев, им издала кредити во вредност од околу половина милијарда евра, што отвора сомнежи дека таа била користена за перење пари.

Од ПИБ реагираа на наводите од новинарското истражување, велејќи дека станува збор за постари и веќе познати информации за проблематичното работење на банката пред петнаесетина и повеќе години, а не за нови откритија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот