Фото: ТВ Алфа / Јутјуб / скриншот

Дваесетина од кравите заловени во Кривопаланечко пцовисале, АХВ вели: Не можат да живеат во затворен простор

Ова отвора прашања за условите во кои биле чувани животните, капацитетот на шталата, раздвојувањето по возраст и пол, надзорот врз агресивните единки и навременото информирање на јавноста за угинувањето на толкав број грла, пишува „Фактор“

Државата преку лицитација продава 71 говедо од познатиот случај во Кривопаланечко, од големото стадо кое со години предизвикуваше проблеми во регионот околу повеќе села. По многу реакции кај жителите, повеќе апсења на сопствениците и институционални препукувања, објавен е огласот со кој тие се продаваат, објави „Фактор“.

Во одговор на прашање од порталот, Агенцијата за храна и ветеринарство соопштила дека 21 говедо од оние кои беа заловени од АХВ, пцовисале од ноември наваму. Според Агенцијата, животните главно угинале од агресивност едни кон други, бидејќи не се научени на престој во штала и целиот живот досега го поминале слободни, движејќи се на отворен простор.

„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 22.11.2025 година, досега одзема и залови вкупно 92 говеда од различен пол, старост и категорија. Од нив, 57 се идентификувани со ушни маркички, а 35 се без идентификациска ознака. Од вкупниот број одземени и заловени говеда, досега 21 говедо е угинато, од различна етиологија, најголемиот дел поради насилна смрт (самоповредување). Станува збор за животни кои досега не биле шталски чувани, односно живееле и се размножувале слободно, во природа. По нивното заловување и чување во затворен простор (штала), дел од говедата, меѓусебно се повредуваат, изразувајќи агресивност, особено возрасните машки единки кон помалите“, велат од АХВ за „Фактор“.

Одговорот, според порталот, отвора прашања за условите во кои биле чувани животните, капацитетот на шталата, раздвојувањето по возраст и пол, надзорот врз агресивните единки и навременото информирање на јавноста за угинувањето на толкав број грла.

Владата пред една недела донела одлука да ги продаде говедата (48 крави и 23 бикови и волови), на лицитација со почетна цена од над 50.000 евра за 71 грло.

Според одлуката, станува збор за „живи животни од видот говеда, сопственост на Република Северна Македонија, чиј корисник е Агенцијата за храна и ветеринарство. Вкупната почетна вредност на сите 71 грло изнесува околу 51,5 илјади евра, односно 3.166.450 денари“. Во одлуката е наведено дека продажбата ќе се изврши „поединечно“, по пат на електронско јавно наддавање, преку системот со кој управува Министерството за финансии, односно Управата за имотно-правни работи.

Говедата беа сопственост на едно семејство од Кривопаланечко, кое ги „чуваше“ пуштени по околните ридови и долини. Жители од повеќе кривопаланечки села протестираа барајќи решение, а една од сопственичките доби и кривична пријава бидејќи се обидуваше да ги спречи вработените во АХВ да ги заловат кравите.

ВИДЕО: Тепачка и протест во Добровница – комшии ги пуштиле кравите во туѓа зелка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот