ДУИ повторно игра на картата на „голема Албанија“

Музеј на ОНА, Сопот, Фото: Фејсбук Али Ахмети

Подигањето музеј со карта на „голема Албанија“ за кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е предизборно играње со чувствата на граѓаните, а историчарот Тодор Чепреганов нема дилема дека станува збор за промовирање територијални претензии.

На сите држави од Западен Балкан карта треба да им биде обединетата Европа, одговори премиерот Димитар Ковачевски на новинарското прашање за отворање на музејот на УЧК и на спомен-плочата со карта на „голема Албанија“ во кумановското село Сопот изминатиот викенд. Тој му порача на коалицискиот партнер Али Ахмети дека доцни 145 години.

– Таквите настани со право секогаш предизвикуваат бура реакции кај граѓаните. Прво, ако добро пресметав утрово, ставањето на таа карта е задоцнето 145 години и ако по нешто може да се отслика какви биле односите на Балканот пред 145, 200 години, такви слични карти на Балканот има секоја држава, ама буквално секоја – рече Ковачевски.

спомен плоча, сопот, Фејсбук Али Ахмети

Според информациите на премиерот, меморијалниот центар во Сопот е отворен на приватно земјиште и дека тоа подлежи на одредени законски решенија.

– Ако се работи за општествен имот, каде дозвола треба да даде Општината, а како што видов Општина Куманово немала информации за тоа, сметам дека она што го имаме ние денес како општество не ги прави релевантни таквите карти, бидејќи по 2001 година и по влегувањето во НАТО, ние, во нашата држава, имаме други карти што се релевантни, а тоа е картата на членките на НАТО. Со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, картата која ние ќе ја имаме и се надевам сите земји од Западен Балкан, е картата на обединета Европа и тоа е единственото нешто кое треба да го обединува целиот Балкан. Сè друго е 145 години задоцнето – вели Ковачевски.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи и министер за надворешни работи на прашањето на „Слободен печат“ дали плочата со карта на „голема Албанија“ е најава за промена на границите ни одговори потврдно.
– Да! Ќе влеземе во Шенген – вели Османи.

Максим Димитриевски – градоначалник на Куманово / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

 

Димитриевски: Објектот е дивоградба

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски тврди дека објектот е дивоградба, изграден на државно земјоделско земјиште и дека пред институциите ќе поведе постапка и дека пратил вонреден инспекциски надзор во Сопот. Од МВР велат дека веќе постапуваат, а во кумановското јавно обвинителство велат дека до нив засега нема пријава.

– Според првичните информации, земјиштето е на Република Македонија и станува збор за земјоделско земјиште, во близина на границата. Не е побарана дозвола за изградба на музејот. Ќе поведеме постапка, треба да го најдеме сторителот. Ако нема сторител, ќе одиме со кривична пријава против непознат сторител, дополнително ќе водиме и постапка за извршување – ни изјави Димитриевски.

Според градоначалникот, подигањето музеј и спомен плоча со карта на „голема Албанија“ е предизборно играње со чувствата на граѓаните.

Меморијален центар Сопот, Фото Фејсбук Ахмети

– Ништо ново од ДУИ. Секогаш игра на ваква карта, но како носители на власта тие покажуваат невидено самовластие. Транспарентно се залагаат за соживот, а од друга страна играат чисто на етничка, национална карта и создаваат огромни незадоволства и фрустрации кај другите граѓани кои не се Албанци. Мислам дека целта е чисто политичка, но ние ќе постапуваме по закон и ќе ја водиме постапката докрај. Одговорност мора да има. Покрај тоа што ние имаме надлежност во овој случај надлежност има и МВР и Обвинителството – да постапуваат по допрен глас. Има повеќе елементи на кривични дела и прекршување на Уставот – ни изјави Димитриевски.

Од МВР за „Слободен печат“ велат дека СВР Куманово постапува во врска со поставената плоча во село Сопот.

„Од страна на СВР Куманово се постапува во врска со поставената плоча во село Сопот. Службени лица од СВР Куманово ќе извршат проверка на лице место, за истото ќе биде запознаено ОЈО Куманово и, според добиените насоки, ќе се преземат понатамошни мерки и активности“, ни рекоа од СВР Куманово.

Чепреганов: Промовирање територијални претензии

Историчарот Тодор Чепреганов нема дилема дека спомен плочата со карта на голема Албанија е промовирање територијални претензии на јавна сцена.

– Државниот врв и министерствата треба да одговорат што се случува. Дали тоа што отворено се истакнуваат карти на „голема Албанија“ не се територијални претензии кон Македонија. Зошто не реагираат Амбасадата на САД и Урсула фон дер Лајен, кога има отворена појава на барање за промена на границите. Поставената спомен-плоча е јавен објект може секој да јавиди. Кога ќе дојде некој од страна, ќе види дека Скопје се наоѓа во рамките на „голема Албанија“ и ќе си постави прашање каде се наоѓа – вели Чепреганов.

Според историчарот, пораката на Ахмети со отворањето на нелегални музеи и спомен-плоча со карта на голема Албанија е многу едноставна.

– Ахмети ја омеѓува територијата која што, според него, е нивна и тоа го кажува отворено. Од една страна, тие знаат што сакаат, имаат национална стратегија која гледаат да ја реализираат. Сега гледаме дека и војната од 2001 година не била за човекови права, туку војна за обединување со Албанија, но потоа Ахмети стана „прагматичен“ и почна да се занимава со бизниси, а интенцијата е формирање на „голема Албанија“ и сега тоа отворено го кажуваат – вели Чепреганов.

Тој обвини дека институциите не реагираат за сè што ни се случува и дека премиерот, МВР и другите министерства и Обвинителството тоа го прифаќаат како завршена работа.

– Штом не реагираш, значи си соучесник. Тоа е загроза на уставниот поредок на Македонија. Треба да реагира јавниот обвинител, зашто на отворена сцена имаме барање за промена на границите. Насекаде изградија музеи без дозвола во чест на ОНА. Замислете кога во музејот и пред тие споменици ќе дојдат деца и ја гледаат картата на „голема Албанија“, каква свест и колективна меморија им се создава – прашува Чепреганов.

Тој додава дека кога некој од македонска страна го критикува ова што се случува е оквалификуван како македонски националист, шовинист и албанофоб.

Ахмети: Не го забораваме аманетот од предците

На отворањето на музејот во Сопот присуствуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потоа на Фејсбук објави фотографии и напиша:

„Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици на нацијата!“
Според медиуми на албански јазик, Ахмети во својот говор порачал дека крвта не станува вода и дека не го забораваат минатото, ниту аманетот на предците.
„Со подигањето на овој споменик се потсетуваме на паднатите борци, сите тие кои мислеа дека со фрлањето земја сè ќе се заборави. Но крвта не е вода и сè може да се избрише и измие, но крвта не се мие и не се заборава. Горе се мачениците, подолу се гради музеј и секој камен што го гледаме овде говори за една историја. Затоа, овие камења говорат од овој рид дека ние не го забораваме минатото, не го забораваме аманетот од предците, затоа работиме и се бориме за нивниот спомен – рекол Ахмети.

Лидерот на ДУИ рекол и дека идејата била Албанија без граници, но дека подоцна политиките се промениле, па било одбрано Албанците да бидат господари во оваа земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот