Али Ахмети, Фото: Слободен печат

ДУИ ќе влезе во влада само ако се избира со Бадентер, Ахмети нуди договор за „спас“ на Македонија

Ахмети не бил дел од чистката во партијата зашто „капетанот последен го напушта бродот додека не стаса до брегот“.

Избор на влада со Бадентеровиот принцип, како и двојно гласање во Уставниот суд за закони донесени со Бадентерово мнозинство ќе бидат услов за влез на ДУИ во влада кога и да се одржат парламентарни избори, порача лидерот на ДУИ Али Ахмети на новогодишниот брифинг со новинарите.
Според него, новиот договор што го нудат е за спас на Македонија, а не за враќање на партијата на власт, иако не одговори на инсистирањето на новинарите како ќе ги натера лидерите на македонските партии да го прифатат договорот.
Ахмети вели дека за оваа понуда долго анализирале не само со домашни туку и со странски познавачи на Рамковниот договор и дека дошле до решение што не е еуфорично и не предизвикува вознемиреност кај Македонците.

– Сè повеќе се шират гласини дека мултиетничката држава е нефункционална. Има тези дека се враќаме во периодот од пред 25 години. Слушаме тези и од дома и од надвор за поделба на државата и дека треба да се оди кон етничка држава. Ние остануваме на ставот дека Македонија треба да биде унитарна држава со граѓани што ќе имаат еднакви можности. Во тој контекст гласањето на влада со двојно мнозинство и гласањето со Бадентер во Уставниот суд е во тој правец и не остава простор за поделба на Македонија – рече Ахмети.

Тој не гледа причини да не се направат измени на Уставот за овој предлог, бидејќи, како што рече, станува збор за мали измени што нудат големо решение.

– Ова е понуда што нуди решение без многу потреси и вознемирувања – рече Ахмети.

Според него, овие предлози не излегуваат од рамките на Рамковниот договор, туку со нив само ќе се зајакне. Тој смета дека ова прашање е многу битно за државата за да се одржат и европските стандарди.
Ахмети додаде дека со јавно објавената понуда на Конгресот веќе сите се запознаени со предлозите на ДУИ и добро би било лидерите на партиите него да го поканат и да разговараат за понудата.
На новинарско прашање дали понудата ќе предизвика контраефект, односно кревање на национализмот кај македонските партии, Ахмети рече:

– За да се подгрее национализмот, нема подобар од мене. Јас сум еден од учесниците што ја растурија Југославија и имав проект 1981-2001. Дали во понудата слушна некој дека се обратив со национализам? Дали некој слушна дека ги споменав ВМРО-ДПМНЕ, Вреди или друга партија? Решението е во тоа дека треба да бидеме храбри и да го прифатиме новиот договор. Албанците се државотворен народ во Македонија и никако не смее да бидат потценети. Не е лесно да се занимаваме со оваа филозофија што ја претставивме пред граѓаните. Македонските партии не треба да се залажуваат со албански партии вазали, кои не нудат одржливи решенија. Тие може да се прифатливи за македонските партии во одредени моменти, но се многу штетни за државата – рече Ахмети.

Лидерот на ДУИ информираше и дека ова го кажал и на 27-те земји членки на ЕУ. Исто така, додаде дека граѓаните Албанци отворено барале од него да ги праша лидерите на македонските партии дали воопшто сакаат да живееме заедно.

– Мене тоа силно ме вознемирува, а треба и сите да ги вознемирува – вели тој.

На прашањето дека е направена голема чистка во Генералното собрание и во Централното претседателство на партијата и зошто тој не заминал ако веќе смета дека со промените ќе ја реформира партијата, Ахмети рече дека „капетанот последен го напушта бродот додека бродот не стаса до брегот“.
Прашан дали брегот е Илинденска, тој одговори дека брегот е Европската Унија и стабилна држава.

– Петнаесет години сум помлад од Трамп. Промените и соработниците ме подмладуваат – рече тој.

 Повеќе од 100.000 досиеја за гонети од југословенските тајни служби

Ахмети најави дека поседува 110.000 досиеја на Македонци и на Албанци патриоти што биле гонети од поранешните југословенски тајни служби. Тој најави дека ќе ги објави овие досиеја и реторички праша зошто досега никој не ги гонел олигарсите и зошто нема интерес за тие досиеја досега во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот