Дражен Жериќ пред јубилејниот концерт на „Црвена јабука“ во Скопје: Не се занимавaме со музика поради насловни страници и кликови, туку за емоциите и за песните
Легендарниот сараевски бенд „Црвена јабука“, еден од најголемите симболи на балканската рок-сцена, ќе прослави 40 години постоење со концерт на 29 ноември во Скопје, во салата „Борис Трајковски“. Овој спектакуларен јубилеен концерт е во организација на продукција „Прагма“.
Препорачано
На денешната прес-конференција по повод концертот се обратија фронтменот на „Црвена јабука“ Дражен Жериќ Жера и Кристијан Стефановски, сопственик на продукција „Прагма“.
Од продукцијата најавија три часа чиста магија во живо, каде што ќе се слави музиката, но и пријателството со публиката што трае со децении.
– Имав 18 години кога ја открив добрината на македонските луѓе, имаме сличен менталитет, сакаме да јадеме исти јадења, чорби, скара… – рече накусо Жера на прашањето со какви емоции се навраќа во Скопје.
Жериќ откри и какво е чувството кога ги гледа и постарите и помладите додека ги пеат нивните безвременски хитови.
– Tинејџерите се исти и во 80-тите години и во 2025-та. Сите ги имаат истите чувства, како првпат да се бакнете, како да заиграте. Песните на „Црвена јабука“ се токму за првиот бакнеж, за гитара покрај море, за Охридското Езеро. Спомените што ги имаат луѓето на нешто убаво што се случило додека ги слушаат нашите песни е ист и тогаш и сега – рече Жериќ.
Пред медиумите се обрати и Стефановски, кој истакна дека ова е од оние концерти со посебно значење, со оглед дека станува збор за јубилеен концерт, за 40 години постоење на бендот.
– Како продукција, а пред сѐ и мене ми е лична сатисфакција да организирам еден бенд што постои уште пред јас да се родам. Затоа и ми причинува огромно задоволство да го организираме концертот. Со Жера веќе подолго време соработуваме и секогаш соработката е на највисоко можно ниво, успешно. Ова е една круна на сето тоа што досега сме го правеле – рече Стефановски и напомена дека многу генерации растеле со оваа музика.
– Љубовта е сѐ околу тебе. Живееме во време кога се префрливме на малите екрани каде што не се користи мозокот… Јас сум ретро човек, кој сака публика со млади луѓе што се занимаваат со човечката емоција, а не со дигиталната. Мене ми е драго луѓето да уживаат во нашите концерти и да имаат некоја животна филозофија што не е во дигитален концепт – рече Жериќ.
Тој истакна дека нивното најголемо признание се публиката и концертите.
– Ние сме луѓе што растевме во некои посреќни времиња. Имаше тотално други вредности. Ние не се занимаваме со музика поради насловни страници, за некој да нѐ застане на улица или поради кликови. Работиме заради емоциите и песните – заклучи музичарот.


