Градежни активности на патот Катланово-Петровец. Фотографија: „Слободен печат“/Весна Дамчевска

Досегашната реализација на капиталните проекти за никаде, за догодина поскромни планови

Во идниот буџет за капитални расходи ќе има над 650 милиони евра. Тоа се 111 милиони евра помалку отколку со буџетот за 2025 година. Но економските аналитичари стравуваат дали и овој износ ќе се искористи со оглед на досегашната слаба реализација

Наредната година е планирано во државната каса да се соберат 6 милијарди евра, но да се потрошат 6,7 милијарди. Од нив за капитални расходи се наменети 658,5 милиони евра, што е 111 милиони евра помалку отколку со буџетот за 2025 година. За министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска токму во нивото на капиталните расходи се гледа развојната компонента на буџетот.

– Во буџетот посебен акцент е ставен на развојната компонента, која е поткрепена со високо ниво на капитални инвестиции што се проектирани во износ од 40,5 милијарди денари. Се очекува забрзување на реализацијата на капиталните проекти што се во позрела фаза а се финансирани од буџетот, но истовремено се очекува и започнување на реализацијата на најавените проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во здравството и во образованието. Позитивен придонес кон инвестициите се очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во следниот период. Очекуваме токму овие капитални проекти да бидат главен двигател на економскиот раст во 2026 година што е проектиран на 3,8 проценти. Позитивно влијание врз растот се очекува и од приватните инвестиции, како и од приватната потрошувачка поддржана со растот на платите и пензиите – посочи Димитриеска-Кочоска по усвојувањето на буџетот од страна на Владата.

За економските аналитичари помалото планирање на капиталните расходи е прифаќање на состојбата дека инвестициите досега лошо се реализираа.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски нагласува дека планираните инвестиции се предуслов за остварување на планираниот економски раст.

– Традиционално имаме ниско ниво на искористување на парите наменети за капитални инвестиции. Тоа се должи на слабата кондиција на градежната оператива, на планирањето на проектите, но и на неефикасноста на јавната администрација во однос на спроведувањето. И за наредниот буџет не сум голем оптимист дека ќе се реализира ставката на раст од 3,8 проценти, иако тоа е можно доколку администрацијата го искористи целиот капацитет и се задржи фокусот на капиталните проекти – вели Ивановски.

Економскиот аналитичар Абил Бауш укажува дека е нормално секоја година државната каса да биде поголема затоа што економијата расте, а и потребите на самата држава. Но, она што константно загрижува е реализацијата на капиталните инвестиции.

– Намалените капитални расходи во планираниот буџет за 2026 година веројатно значи подобро планирање на можноста да се реализираат вакви проекти. Сегашната реализација на капиталните расходи во однос на планот за годинава е многу лоша. А, висината на капиталните проекти во однос на целиот буџет е суштинска за економски раст. Со намалување на износот на капитални расходи, веројатно Владата сака да покаже поголема ефикасност во нивното извршување. Но иако идната година може да покаже поголем процент на реализација, останува фактот дека тие биле помалку планирани од годинава – вели Бауш.

Потврда за досегашната слаба реализација на капиталните расходи се бројките. Заклучно со 28 октомври реализацијата на капиталните расходи е само 45 проценти. Односно, за патишта, училишта, водоводи, загради и други објекти од јавен интерес се потрошени 346 милиони евра, а вкупно за 2025 година со ребалансираниот буџет од јули беа предвидени 769,8 милиони евра.

Детален приказ на потрошените пари има за првото полугодие од годинава. Министерството за транспорт и врски потрошило 34,5 отсто од парите. Загрижувачко е што во Министерството за здравство има потрошено само 13,9 проценти од предвидените пари, малку пари во првото полугодие потрошило и Министерството за образование – 24,7 проценти.

Со ребалансот на буџетот во јули, и покрај ниската вкупна реализација на капиталните расходи беа додадени и уште 3 милиони евра, а 2,5 милиони беа доделени за капитални проекти во високото образование.

Фискалниот совет препорача доколку капиталните расходи не успеат да се реализираат до крајот на годинава, тие да се заштедат и да се пренесат во 2026 година. Советот во Мислењето за фискалната стратегија за периодот 2026-2030 година препорача воведување системска анализа на „исплатливост на трошоци“ за сите капитални проекти над одреден праг, со цел да се обезбеди максимален социјален и економски поврат.

Ќе мора да се крпиме со 1,7 милијарди евра

Според предлог-буџетот, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти од БДП, односно 637 милиони евра. Владата планира ново задолжување од 1,7 милијарди евра, од кои 950 милиони преку еврообврзница. Покрај пари за буџетскиот дефицит, мора да се обезбедат пари и за еврообврзницата од 700 милиони евра, која доспева за наплата идната година, како и 200 милиони евра за други обврски кон странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот