Досега се самопопишале 51.934 лица: Теренскиот попис на отворено или пред врата на домовите каде што има услови

Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку еден и пол до два метра.

Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, по предлог на Комисијата за заразни болести. Протоколот е утврден, но зголемувањето на бројот на случаите на новозаболени од ковид-19 изминатите денови го отвори и прашањето дали предвидените мерки во него се доволни за заштита на граѓаните.

Дел од граѓаните стравуваат да ги пуштат попишувачите дома, поради зголемениот број на заразени, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одложување на пописот за септември.

Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски за ТВ Телма вчера изјави дека попишувањето ќе се врши пред вратите или во дворовите на куќите и становите.

– Ако постојат услови, тоа може да се организира преку куќните совети. Ние нема да влегуваме во становите, да мериме должина на ѕидовите, квадратура на проториите. Ќе гледаме на сите можни начини да имаме помали контакти со луѓето. Доаѓањето на попишувачот е побезбедно од одењето во продавница, изјави Симовски.

За теренското попишување, кое треба да стартува на 1 април, директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ во интервју за МИА нагласи дека е донесен Протокол, во кој детално се обработени мерките и кој, како што рече, обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на операцијата.

– Колку што јас го знам, а го знам до детали протоколот и гарантирам негова ефикасност во смисла на обезбедувањата, не можам да предвидам колку од луѓето стравуваат или не стравуваат и дали би ги пуштиле попишувачите или не, секако, но, исто така, верувам дека ако се плашат граѓаните, можеби сега, знаете како е, сепак зборува – еден „бел мантил“ тука кој 13 месеци се бори со ковид-19 и имаше прилика да види различни состојби. Ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од ковид инфекцијата, ние немаше да имаме толкави бројки. Навистина сметам дека нашето однесување мора да го донесеме до максимално сериозен однос кон ширење на инфекцијата и ако се придржуваме до мерките, нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде од продавница до попис, нема да имаме никаков проблем, вели Стевановиќ во интервјуто за МИА.

Таа нагласи дека Комисијата за заразни болести е високо професионален тим на стручњаци со различни специјалности и токму тие го изготвиле Протоколот за спроведување на пописот и тоа следејќи ги сите фази на процесот на попишување, од тестирање, преку обучување до спроведувањето на терен, вклучувајќи со посебни дополнителни мерки и за оние, за онаа популација која ќе биде во изолација или ќе биде заболена.

Стевановиќ вели дека најдетално се опфатени сите движења, сите возможни комуникации за време на пописот или на секоја една фаза од процесот на целиот попис.

– Така што со преземање на соодветни мерки кои се и предвидени за секој момент и на движење во време на пописот апсолутно верувам дека се обезбедуваат максимални услови за минимизирање на какво било ширење на инфекцијата понатаму, истакнува Стевановиќ.

Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од еден и пол до два метра, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.

Содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.

Одложување на пописот нема да има. ДЗС излезе со соопштение во четвртокот во кое ги отфрли пишувањата на некои медиуми дека бара одложување на пописот поради состојбата со коронавирусот.

– Заводот забрзано се подготвува за теренските пописни активности кои се одвиваат во согласност со планираните рокови. Сите мерки предвидени со Протоколот донесен од страна на Комисијата за заразни болести и Владата се почитуваат и со нив се гарантира безбедноста на сите учесници во Пописот, нагласуваат од ДЗС.

Според последните податоци на ДЗС, до вчера во 10 часот, преку апликацијата за самопопишување, се евидентирани 51 934 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот