Досега се излекувани 852 лица од Ковид-19 во Македонија

Фото: Драган Митрески

Во моментов во земјава се активни 572 случаи на заболени лица со корона вирус. Досега се излекуваа 852, а починаа 82 лица. Од извршени 16.997 беа потврдени 1.506 позитивни случаи на Ковид-19. 

Во шест градови, односно во Дебар, Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар нема повеќе активни случаи со коронавирус.

Вчера, Институтот за јавно здравје регистрираше четириесет и пет оздравени, еден починат и 15 нови случаи на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на Ковид-19.

Во текот на изминатите денови се регистираат повеќе оздравени лица, отколку нови случаи на заболени со коронавирус.

Намален е и бројот на тестирања, а како што посочи директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемеди, тоа се должи на бројот на земени брисеви. Односно, како што појасни, „нема симптоми, нема епидемиолошки анкети, нема брисеви”.

-Од почетокот на епидемијата, во Дебар беше регистриран 51 случај, досега четири лица починаа, а 47 се оздравени. Во Радовиш и Гевгелија беа регистрирани по четири случаи, во Струмица два, во Пробиштип два, а во Демир Хисар еден позитивен случај на коронавирусот. Во овие градови не се регистрирани смртни случаи од Ковид-19, а сите евидентирани ковид-позитивни се оздравени, наведоа од Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера во интервју за Телма посочи дека се што се предложило од Министерството и Владата, сите мерки биле димензионирани на прво место да биде здравјето на граѓаните. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму.

Нагласи дека и идните предлози ќе бидат носени врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациенти, на новодијагностицирани, на бројот на пациенти кои ги има во болниците и на домашно лекување.

Според него, мерките се добро димензионирани за што показател е тоа што сега секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат и повеќе излекувани отколку активни случаи.

-Тоа значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, кои се темелеа на медицински аргументи, на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму, порача Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот