Доријан Бабунски е нов фудбалер на унгарскиот клуб Ниреѓихаза
Македонскиот фудбалер Доријан Бабунски од следната сезона ќе ги брани боите на унгарскиот клуб Ниреѓихаза Спартакус со кој потпиша договор на две години.
Препорачано
Бабунски веќе има искуство од Унгарија кога во периодот 2022-2023 настапуваше за тимот на Дебрецен во чиј дрес запиша 18 голови во 48 настапи.
Порасна во Реал Мадрид и играше за младинските тимови на шпанскиот клуб. Во својата клупска професионална кариера нашиот 28-годишен напаѓач настапуваше и за Фуенлабрада, Олимпија Љубљана, Радомље, Мачида Зелвиа, Кагошима Јунајтед, Ботев Враца, Грасхоперс и Сепси ОСК.
Досега седум пати играше за сениорската репрезентација на Македонија.
– Многу сум среќен што се приклучив на клубот. Во минатото, доживеав една од најдобрите сезони во мојата кариера во Унгарија, а голема чест е што сега можам да се борам и да играм за Ниреѓихаза. Клубот, стручниот штаб и играчите беа фантастични и ќе ги искористиме неделите пред почетокот за добро да се подготвиме за првенството. Едвај чекам да се сретнам со навивачите на стадионот – рече Бабунски за клупскиот сајт.
Минатата сезона Ниреѓихаза во најсилното унгарско првенство обезбеди опстанок откако го освои осмото место.


