Домородци од Перу киднапирале над 70 туристи

Домородци Амазон/Фото: ЕПА-ЕФЕ

Домородните племиња во перуанскиот Амазон киднапирале група странски и перуански туристи кои патувале со речни чамци во знак на протест против недостигот на владина помош по излевањето нафта во областа, објавија локалните медиуми.

„Со оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на владата, имаме странци и Перуанци, има околу 70 луѓе“, изјави лидерот на племето Кунинико, Вотсон Трухиљо, за радиото РПП, како што пренесе АФП.

Меѓу заложниците има државјани на САД, Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и Швајцарија. Локалните медиуми јавуваат дека има жени и деца, трудници и лица со посебни потреби. Трухило рече дека заложниците ќе ја поминат ноќта во бродот додека чекаат да се реши ситуацијата.

Тој додаде дека неговата група презела „радикални мерки“ за да изврши притисок врз владата, од која бара да испрати делегација и да ја процени еколошката штета по излевањето на 2.500 тони сурова нафта на 16 септември во реката Кунинико. Излевањето е предизвикано од пукање на нафтоводот Норперуано.

Владата и полицијата се уште не го коментираат инцидентот што се случи на притоката на реката Маранон. Домородните заедници веќе го блокираа транзитот на сите пловни објекти по реката во знак на протест. На 27 септември, владата прогласи 90-дневна вонредна состојба во погодениот регион, дом на заедниците Кунинико и Ураринас. Овие две племиња заедно имаат околу 2.500 жители.

Нафтоводот Норперуано долг 800 километри, во сопственост на државната компанија Петроперу, е изграден пред четири децении за транспорт на сурова нафта од регионот на Амазон до пристаништето Пиура, на брегот. Од компанијата тврдат дека до излевањето дошло затоа што некој намерно го оштетил нафтоводот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот