Доминик Ливаковиќ е нов голман на Динамо Загреб
Доминик Ливаковиќ (31) повторно ќе ги брани боите на хрватскиот фудбалски гигант Динамо Загреб, официјално објавија денеска од клубот. Прославениот чувар на мрежата и хрватски репрезентативец доаѓа на Максимир како позајмен од турскиот Фенербахче и веднаш им се стави на располагање на своите соиграчи и тренерот Марио Ковачевиќ.
Препорачано
Тој го напушти Динамо во август 2023 година, по седум полни сезони, со 12 освоени трофеи, 293 одиграни официјални натпревари, неговата мрежа мируваше 138 пати, по бројни импресивни настапи со кои ја испиша златната историја на клубот.
Ливаковиќ има можност да влезе во „синиот клуб 300“, само седум натпревари му недостасуваат од својот 300 официјален настап во дресот на Динамо, а во целата историја на клубот, само седум играчи успеале да го сторат тоа: Дражен Ладиќ (468), Аријан Адеми (430), Младен Рамљак (337), Марко Млинариќ (307), Среќко Богдан (304), Драго Вабец (301) и Златко Цицо Крањчар (301).
Моментно е четврти по број на европски натпревари во дресот на Динамо. Досега, тој застана на 74, а пред него се само Аријан Адеми со 110, Бруно Петковиќ со 78 и Самир со 76.
Секако, сезоната 2020/21 е особено незаборавна, кога беше дел од тимот што стигна до четвртфиналето на Лигата на Европа. Динамо, во голема мера благодарение на Ливаковиќ, потоа стана рекордер на европската сцена: ниту еден тим не успеал да ја зачува мрежата толку долго во историјата на групната фаза од натпреварувањето. „Сините“ забележаа дури 525 минути без примен гол. Динамо на тој начин го надмина претходниот рекордер, Манчестер јунајтед.
Riječi su… suvišne 💙 pic.twitter.com/ygIday7A2q
— GNK Dinamo (@gnkdinamo) January 30, 2026


