Документирање на убавото во градот на мултимедијалниот фестивал „Арт Ареа / Артерија“

Фестивалот „Арт Ареа / Артерија“ ќе се одржи од 15 до 17 септември во „Буква“ и во МКЦ

Седмото издание на фестивалот „Арт Ареа / Артерија“ ќе се одржи од 15 до 17 септември во „Буква“ и во МКЦ и претставува тридневен книжевно-мултимедијален комплекс од настани со фокус на градот Скопје.

Фестивалот „Арт Ареа / Артерија“ низ годините на своето постоење си изгради своја постојана публика и си го пронајде местото на културната мапа на градот. Оваа година, од разбирливи причини, поради 60-годишнината од Скопскиот земјотрес, во фокус на фестивалот е градот Скопје, а по тој повод и програмата во поголемиот дел гравитира околу градот.

– Фестивалот е од долготрајно значење за нас, но исто така „Арт Ареа / Артерија“ ни овозможува да направиме еден вид пресек на книжевните случувања од нашата продукција во периодот меѓу два фестивала и на нашите читатели да им ги прикажеме најновите изданија на македонските автори со нивни гостувања. Исто така, годинава ќе имаме гостувања и на двајца странски автори, со што фестивалот од година во година добива и меѓународно значење – истакнува Филип Димевски од издавачката куќа „Бегемот“.

Фестивалот „Арт Ареа / Артерија“ нуди можност за меѓусекторска соработка во сферата на културните чинители, така што на фестивалот редовно учествуваат неколку домашни издавачи, а со оглед на неговата мултимедијалност, интегрален дел од концептот се гостувања на автори и културотворци од различни сфери и медиуми на културата.

– Фестивалот додава голем влог во целокупната културна понуда во Скопје, којашто во септември е исклучително богата. Низ досегашните изданија на фестивалот минаа десетици млади и искусни културни работници од сите културни зони и нивната меѓусебна соработка ја гледаме како наша главна цел. Фестивалот не препознава тематски ограничувања, но пред сѐ, сакаме да гледаме на „Арт Ареа / Артерија“ како на три дена што го документираат убавото во градот – посочува Филип Димевски.

Програмата на мултимедијалниот фестивал „Арт Ареа / Артерија“ ќе биде отворена на 15 септември во „Буква“, каде што во 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Мина“ од Игор Анѓелков („Или-Или“, 2023), а промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески. Во 20 часот ќе следува промоција на романот „Рудникот“ од Миодраг Мајиќ („Антолог“, 2023), кој ќе го претстават промоторите Јордан Коцевски и Душко Крстевски, додека во 21.30 часот ќе следува музичкиот блок „Скопје радост ти ќе бидеш“ со Марсо.

Вториот фестивалски ден на 16 септември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе биде отворен во 19 часот со промоција на „Рефлексии“, нова збирка интервјуа и разговори од „Културен печат“ на Тони Димков („Бегемот“, 2023), а промотор ќе биде Атанас Конески. Во 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска („Бегемот“, 2023), каде модератор ќе биде Филип Димевски, а ќе учествуваат Кинга Нетман-Мултановска и Павел Вељаноски. Во 21.30 часот џез-концерт ќе одржи „Јузефчо трио“ (Филип Букршлиев на гитара, Благојче Томевски на бас кларинет, Нинослав Спировски на тенор саксофон).

Последната вечер на 17 септември ќе почне во 19 часот со пинг-понг промоција на стрипот „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи бр.3“ од Ѓорѓе Јовановиќ и Иван Шопов („Бегемот“, 2023) во „Буква“, ќе продолжи со промоција на книгата „Плачеш како кит“ од Ѕвездан Георгиевски („Бегемот“, 2023), која ќе ја промовира Петар Андоновски, а ќе заврши со перформансот „Поетите за Скопје“ во организација на „Култура Бета“.

Во текот на трите дена ќе се одржат и изложба на поштенски разгледници, слајдови и урбанистички планови „Од Варшава до Скопје“ (Галерија МКЦ, 15-17 септември) и изложба на фотографии „Pars-mea“ од Андријана Антова („Буква“, 15-17 септември). Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 195, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 08-10.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот