Доктор Коровешовска: Охридските журки ќе ни се удрат од глава за две недели кога ќе врие заразени од Ковид 19

Од крајот на август, дефинитивно ќе има зголемен број заразени од коронавирусот поради сегашното поведение на туристите во Охрид, но и поради ноншалантното однесување на нивните домаќини, тврди за „Слободен печат“ епидемиологот од ЦЈЗ Охрид, доктор Јованка Сурлакова Коровешовска.

Таа додава дека во охридскиот и во струшкиот регион се чека барем два до три дена за резултатите од тестирањето за коронавирусот, но некогаш се случува да се чека и по пет дена, заради навалата од луѓе што се проверуваат, заедно со нивните контакти. Од друга страна, ништо на охридското крајбрежје не функционира како да има пандемија на коронавирусот. Угостителските објекти се преполни, во кафулињата и на плажите нема каде да се фрли игла, носењето маски на пеколни температури е речиси невозможна мисија.

– Поради ова кршење на протоколите, очекувам од крајот на август веќе, да се зголеми бројката на новозаразени со Ковид 19. Тоа го очекувам не само поради тоа како се однесуваат туристите, туку поради тоа што и нашите, самите охриѓани, веќе не ги почитуваат протоколите. Пред да почне сезоната, ретко се случуваше да видите некој на улица да не носи маска. Речиси сите носеа. Но, сега, истите тие млади па и повозрасни веќе загубија кондиција и не носат маски. Во почетокот, дури и не сакаа да примаат туристи но сега ги примаат. Имав случај кога туристи од Србија дошле да престојуваат во приватно сместување во Охрид. Влегле во нашата земја со негативен ПЦР тест и останале во Охрид седум дена. Меѓутоа, пројавиле симптоми по враќањето во Србија и на почетокот мислеле дека е од провевот или од климатизерот, но направиле тестови и излегоа позитивни. Ги известија домаќините во Охрид и целото семејство што им беа домаќини се тестираа приватно и потрошија 20.000 денари за тие тестови бидејќи не им се чекаше неколку дена преку ЦЈЗ и отидоа на приватно. Не знам каде е тука профитот, изјави доктор Сурлакова Коровешовска.

Опишувајќи ја работата со своите пациенти во Центарот за јавно здравје Охрид каде е епидемиолог неколку децении, Коровешовска истакнува дека психолошкиот стрес кај контактите на заразените, да дознаат што побрзо дали и тие се позитивни е голем.

– Има страв и психолошки стрес да дознаат што побрзо дали и тие имаат коронавирус, кога веќе во семејството ќе се потврди еден позитивен случај. Ако еден е заболен и другите тројца во семејството веднаш се тестираат. Сметам дека е многу погрешно од страна на матичните лекари што не внимаваат да поминат неколку денови туку веднаш им даваат упати на контактите притоа нечекајќи го инкубацискиот период. И така мислам дека се добиваат лажно негативни резултати и луѓето се ослободуваат од притисокот, мислат дека се негативни и се движат слободно а се лажно негативни, ни рече докторката.

Најчесто охриѓани во епидемиолошките прашалници кажуваат дека не знаат од каде се заразиле. Ново е и тоа што сега случаите се претежно со полесна клиничка слика и повеќе не доминира респираторната симптоматологија како што тоа се случуваше на почетокот на пандемијата.

– Ниеден од позитивните во епидемиолошкиот прашалник ми нема кажано дека бил на плажа и дека од таму ја добил инфекцијата. Најчесто се фамилијарни кластери и кластери од текстилните фабрики каде не се почитуваат протоколите, на паузите работниците пушат и пијат кафе заедно многу блиску едни до други, не носат маска. Исто така, бројот на новозаразени ни расте и поради тоа што е сменета методологијата. Порано ако имаше еден позитивен во семејството, сите други остануваа 14 дена дома да видиме дали ќе развијат симптоми. Тие најчесто додека остануваа дома и да биле позитивни, се негативизираа уште нетестирани. Сега не е така, сега веднаш се тестираат дури и да се асимптоматски.

Главните симптоми кои во март и април беа симптоми на горнореспираторна инфекција, сега се повеќе се дигестивни симптоми.

– Најголемиот дел се луѓе со многу лесна клиничка слика. Многу ретко некој да се пожали на кашлица. Сега главните симптоми се пролив со малаксаност и губење на чувството за мирис и вкус, температура благо покачена, 37 со 2. Најголемиот дел од заразените како причина за инфекцијата и понатаму ги посочуваат свадбите, визитите, крштевките. Почнаа да ги враќаат старите навики. На пример, на погребите дури и ако на самиот погреб се појават само петмина, потоа се оди дома кај семејството и таму се собираат поголем број луѓе. Но, има и познати кластери од текстилните фабрики каде не се почитуваат протоколите, додаде докторката.

За продолжениот викенд во градот заштитен од Унеско, јавноста сведочеше плажи преполни со гости, забави што се одвиваа спротивно на протоколите препорачани од Комисијата за заразни болести, а за дел од трговските објекти инволвирани во ова кршење на владините уредби, следуваа и кривични пријави за загрозување на јавното здравје, на плажите Градиште два и три.

„Трескањето од земја“ на журките во Градиште заврши со кривични пријави

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот