„Договор си е договор“: Фон дер Лајен ги отфрли заканите на Трамп за новите царини
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ги отфрли заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините за европските автомобили, предупредувајќи го Вашингтон да се придржува до условите на трговскиот договор со Брисел, пренесува Политико.
Препорачано
Зборувајќи за првпат откако Трамп објави царини од 25 проценти за автомобили произведени во ЕУ, фон дер Лајен јасно стави до знаење дека „договор си е договор“.
За време на прес-конференцијата на самитот ЕУ-Ерменија во Ереван, таа нагласи дека суштината на постигнатиот договор е просперитет, заеднички правила и сигурност. Додека ЕУ е во последната фаза од спроведувањето на преостанатите царински обврски, претседателката на Комисијата додаде дека САД сè уште имаат неисполнети обврски во однос на почитувањето на договорените горни граници. Таа, исто така, потврди дека Унијата е подготвена за секаков сценарио.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека лидерите на ЕУ целосно го поддржуваат одговорот на Комисијата на најновите закани на Трамп. Францускиот претседател Емануел Макрон експлицитно ја поддржа оваа позиција, нагласувајќи дека потпишаните договори мора да се почитуваат. Според него, доведувањето во прашање на договорот би ги отворило сите други теми, а ЕУ има и е подготвена да ги користи алатките за да одговори на новите царини. Макрон додаде дека блиските сојузници имаат попаметни работи да направат отколку да брануваат закани за дестабилизација.
Најавите на Трамп означуваат остра ескалација на трговските односи меѓу Вашингтон и Брисел, а дојдоа откако комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефковиќ, изјави дека договорот од Тарнбери останува непроменет. Според тој договор од минатиот јули, американските царини за европските автомобили беа утврдени на 15 проценти. За возврат, Брисел се согласи да ги намали индустриските царини, да купи американска енергија во вредност од 750 милијарди долари и да инвестира 600 милијарди долари во американската економија.
Трамп ги зголемува царините за автомобили од ЕУ на 25 проценти
Трамп и Фон дер Лајен постигнаа договор: За увозот од ЕУ ќе има царини од 15 отсто


