Додик за ББС: Република Српска повторно ќе има војска

Милорад Додик / Фото: Профимедиа

Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик во интервју за Би-Би-Си тврди дека според Уставот БиХ немаат вооружени сили и дека Дејтонскиот мировен договор јасно им дозволува на ентитетите да имаат своја војска .

Запрашан дали тоа значи дека Република Српска ќе формира, односно ќе ја врати армијата, Додик рече дека тоа е нејзино уставно право кое никогаш не е укинато.

– Дадовме само согласност за поинаков начин на организирање на воените сили во БиХ. Сега ќе ја повлечеме таа согласност – истакна Додик.

Тој рече дека се залага за мир, стабилност и уставно право и дека Република Српска ќе остане дел од БиХ со овластувањата што ги има според Уставот на БиХ.

– Некои работи што се кажани не се одраз на реалноста. На територијата на Република Српска нема војска на БиХ, туку вооружени сили во кои мнозинството се Срби. Нема потреба да се блокираат касарните, кога 90 отсто од припадниците на вооружените сили на БиХ во Република Српска се Срби. Сакам да нагласам и дека верувам во капацитетот на ЕУФОР и дека мандатот им е продолжен со одлука на ОН – рече Додик во интервјуто.

Тој посочи дека Република Српска не сака ваква БиХ, туку каква што е предвидена со Дејтонскиот договор.

– Се покажа дека БиХ како што е моментално организирана е декадентна со лажни реформи и други проблеми и дека како таква не може да опстане. Она што го сакам во име на народот што ме избра е да го бранам Дејтонското уредување на Република Српска и да го спроведам само она што е напишано таму, но да тежнеам кон некои високи цели кои се покажаа како имагинарни – изјави Додик.

Тој повтори дека Република Српска не го признава Кристијан Шмит за висок претставник во БиХ и дека Шмит е „приватно лице кое може да мисли што сака“.

– Неговото именување не е потврдено во ОН, зошто би го прифатиле? Неговиот извештај го напишала муслиманската разузнавачка служба во Сараево – нагласи Додик во интервјуто на ББС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот