Дисоска: Ја пишуваме новата историја на официјално признание на жените претприемачки!

фото: Виктор Поповски за еспресо.мк

Националната платформа за женско претприемништво, заедно со Министерството за економија организира официјална, државна награда за женско претприемништво. Наградите ќе се доделуваат еднаш годишно.

Годинава за првпат ќе се одржи манифестацијата „Избор на жена претприемач на годината 2021“, што е повод за разговор со претседателката на Националната платформа за женско претприемништво, како и претседателка на Здружението за бизнис жени, Валентина Дисоска.

Беше ли тешко да се изборите за институционална поддршка на ваква манифестација?

– На ова прашање не може да се одговори дали било тешко или лесно, зашто секоја една промена која претпоставува системска промена е процес што треба да се одработи, да се постават темелите, да се испродуцираат вистинските документи, да се воспостави вистинската соработка, да се издејствува промена во институциите, да се заземат истите како такви. Уште кога почнавме да работиме на Националната стратегија за женско претприемништво, оваа награда како позитивен пример за креирање свесност за жените претприемачки ја ставивме во Акцискиот план од стратегијата, понатаму ја изградивме Националната платформа за женско претприемништво, со Платформата потпишавме меморандум за соработка со Министерството за економија и тие по службен пат ги побараа информациите од Централен регистер за да имаме информации со кои ќе располагаме за изборот на компанија. Сè ова беше процес од неколку години, процес на договарање и преговарање, на преземање многу ситни чекори за да се дојде до денешната ситуација на поставување на темелите на Национална награда за женско претприемништво. Си има тежина процесот на креирање промени, но најмногу од сè е дека претставува долготраен процес, со многу активности, лобирање и преговарање, ситни изодени чекорчиња без кои патот не се преминува, главно, нема брзи промени.

фото: Виктор Поповски за еспресо.мк

Која е целта на оваа манифестација и дали годинава ја започнувате традицијата, односно ја запишувате новата историја на официјално признание на жените претприемачки? 

– Чест ми е да кажам дека од оваа година, Националната платформа за женско претприемништво заедно со Министерството за економија организира официјална, државна награда за женско претприемништво. Наградите ќе се доделуваат еднаш годишно, и дефинитивно да, ја пишуваме новата историја на официјално признание на жените претприемачки! Доделувањето на наградите претставува чин за препознавање и афирмација за жените претприемачки, кои постигнале успеси во својата работа, а притоа се препознаени според критериумите, кои ние од Националната платформа за женско претприемништво, заедно со Министерство за економија ги креиравме уште во 2019 година, со тогашниот совет за женско претприемништво којшто влезе како основна националната платформа. Чинот на афирмација на позитивните примери е можност преку добри практики да се мотивираат жените, младите и возразните, да се прикаже дека преку раст и развој на претприемништво може да се добие зајакната економија, економска стабилност на жената, да се зголеми вработеноста, да се делува на економско зајакнување на целото општество.

Она што сакаме да го постигнеме е да креираме овозможувачка околина за раст и развој на компаниите водени од жени, кои притоа можеме да ги сметаме како машина за понатамошен развој и креирање нови работни места.

Како го направивте изборот на најдобри претприемачки, според кои критериуми се водевте?

Критериумите за избор на најдобра жена претприемачка се изградени во соработка со членките на Националната платформа за женско претприемништво и Министерството за економија. Критериумите опфаќаат повеќе аспекти на работа на компаниите. Освен основните показатели, кои Министерството за економија ги добива од Централен регистер, како што се основната дејност да не е трговија, да се активни последните три години, претпријатието да биде во сопственост на жена над 50 % и управител да биде жена во истото претпријатие, да бидат минимум 51% во домашна сопственост, секоја наредна година да остваруваат поголем приход, секоја година да остваруваат добивка и секоја наредна година да го зголемуваат бројот на вработените, се доставува до компаниите и еден прашалник кој опфаќа пошироко запознавање со компанијата и начинот на нејзиното делување. Од сите овие информации се креира мислење од стручното жири и понатаму се оди кон разговор со компаниите и снимање на терен. Сето ова е процес, каде што се комуницираат компаниите дали сакаат да учествуваат на натпреварот за избор, бидејќи има случаи кога компании и не се заинтересирани да бидат дел од овој процес. На крај, се објавува добитничката на организираниот настан, што го планираме на 18 ноември 2021 година.

Кои се жените што се во „трка“ за оваа награда?

– Успешните! Бидејќи критериумите ни се така поставени, ние ги бираме успешните компании, кои покажале најголеми резултати според претходно наведените критериуми, како и од одговорите во прашалникот. Се покажува дека оние кои навистина растеле во бизнисот, ја зголемувале компанијата, имале дополнителни вработувања во изминатите три години, кои вложувале во компанијата преку развој на вработените, кои работеле за општествено добро, кои имаат добри практики, само тие можат да бидат избрани за оваа награда.

Како пандемијата делуваше и делува на женското претприемништво и колку беа можни брзите преструктуирања со цел успешни резултати?

– Од прикажаните бројки од одредени истражувања, пандемијата најмногу ги погоди микро и малите компании кои беа пред сè услужно ориентирани. Особено самовработените жени, кои се сретнаа со најголеми проблеми да го одржат бизнисот. Брзи реструктуирања видовме само во исклучителни ситуации, но таа не е целосната и реалната слика. Реалната слика е дека микро компаниите водени од жени сè уште не се закрепнати, го влечат товарот од кризата, сè уште не се стабилни и не прикажуваат добивка. Тоа значи дека мора силно да се работи на преструктуирање, изнаоѓање нови можности и модуси за работа, можеби и промена во некоја легислатива, како што е работа од дома и клизно работно време, но најмногу од сè е потребно работа со жените претприемачки, како, на кој начин да го преструктуираат своето работење. Таквите советодавни функции ги имаме ние здруженијата кои ја сочинуваме платформата.

Новите перспективи ќе ги претставите на Самитот за женско претприемништво, кој ќе се случува на 18 и 19 ноември. Накусо, за што станува збор и какви се перспективите на претприемачките во нашата држава?

– Самитот го нарековме „Нови перспективи за женско претприемништво“, зашто сметаме дека после скоро две години ситуација со пандемија и пад на економските можности, треба да погледнеме посмело напред и да ги најдеме новите перспективи и можности, да покажеме примери, да споделиме информации за добри практики, како домашни така и меѓународни, да слушнеме кои се можностите и опциите, да се запознаеме едни со други, па и да направиме заеднички состаноци, бидејќи овозможуваме и Б2Б состаноци, кои ќе бидат во живо за време на Самитот, а се организираат преку онлајн-алатката, која во моментот е отворена за аплицирање. Несебично ќе ги споделиме информациите и знаењето, ќе овозможиме средина за креирање можности!

Видео на денот