Хорската диригентка Јасмина Ѓорѓеска е добитничка на наградата „Георги Божиков“ на Сојузот на композитори
Наградата „Георги Божиков“, која Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во претходната година, за 2024-та година ја доделува на Камерниот ансамбл „Алтус / Нов здив“ и на диригентката Јасмина Ѓорѓеска – Каро, соопшти СОКОМ.
Препорачано
Ѓорѓеска ја добива наградата за изведби на дела од Гајдов, Скаловски, Прокопиев, Шуплевски, Зографски, Стојков и други, со своите хорови кои успешно настапуваа и на меѓународни сцени.
Altus New Breath Ensemble во текот на 2024 година одржа низа концерти во земјава и странство, со богата програма посветена на македонски автори – Зографски, Цанев, Андреевска, Шахов, Трандафиловски, Велковска Трајановска, Начевски, Андовска и други. Ансамблот е составен од врвни уметници (Гонца Богоромова-Краповски, Елена Стојческа, Игор Иванов, Роман Петиот, Мартин Димитровски, Александар Лаовски, Паскал Краповски и Маријана Николовска) и претставува еден од најпосветените промотори на современото македонско музичко творештво.
Наградата на годинашните добитници ќе им биде доделена на свеченото затворање на „Деновите на македонска музика“ во четврток, 16 октомври на концертот на Филхармонија.


