Директорот на Здравствен дом Скопје: Ме изеде туѓиот срам за таблата од дерматовенерологија

Табла „дерматовенерологија“ / Фото: Фејсбук

Во Поликлиниката Букурешт на одделот за дерматовенерологија, се појави пано за именување на оддел каде што специјалноста беше погрешно испишана и на македонски и на албански јазик, што предизвика бурни реакции кај јавноста, лекарите и јазичарите.

Граѓаните на шега коментираат дека е добро што не станува збор за одделите за гастроентерохепатологија или за оториноларингологија, каде грешките би биле уште поевидентни. Таблата била закачена во Поликлиниката Букурешт околу 20 минути, но доволно за сите присутни пациенти, лекари и медицински сестри да го забележат гафот кој потоа се пресели на социјалните мрежи.

Директорот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски за „Слободен печат“ вели дека таблата е променета, дека грешката е техничка и направена од страна на фирмата која ги изработува паноата, а со која институцијата има договор.

– Човекот од фирмата не знае медицина. Поминало како што поминало, а таблата вчера не стоеше поставена ни 20 минути. Но, има секакви луѓе кои веднаш фотографираат, уште пред човекот да ја отстрани. Откако нашите доктори забележале дека името е испишано неточно, веднаш реагирале и таа била отстранета. Денеска е сменета и има нова табла, изјави доктор Исијановски за „Слободен печат“.

Тој додаде дека немало финансиски импликации затоа што грешката што ја направила фирмата, ја поправила на свој трошок.

– Имаат договор со нас и сите грешки што ќе се направат, фирмата сама си ги поправа. Ние сме многу голема здравствена организација и може грешки да се случат, меѓутоа мене ме изеде туѓиот срам вчера, да бидам искрен. Сменета е таблата, има нова, рече тој.

Наместо „дерматовенерологија“, на таблата пишуваше „дермавенетерологија“. Пропустот е  дело на вработените во фирмата за изработка на паноата, а таблата била закачена без да биде проверена.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски, на социјалните мрежи ја коментираше грешката што предизвика шеговити коментари и критики од јавноста за ненамерниот пропуст.

„Се извинувам, дали некој знае која гранка на медицината е ова? Ми личи на дерматовенерологија, ама да си прашам. Сепак луѓето ја порачале, можеби ја платиле, ја закачиле, веројатно ја прочитале пред да ја закачат, па јас да не знам за оваа супсупспецијалност?!“, напиша Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот