Директорот на тетовската болница и општината биле одговорни за функционалноста на модуларната болница, покажуваат документи

Тетово пожар
Тетово, 9 септември 2021 / Фото: Слободен Печат. - Драган Митрески

Општина Тетово и директорите на тетовската Клиничка болница биле одговорни за контролата на квалитетот и функционалноста на модуларната болница, додека Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале проектот за изградба на модуларните ковид-центри, покажуваат документите кои ги објави Дојче веле.

Документите со наслов „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година, детално ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно.

Додека се чекаат резултатите од истрагата која треба да одговори на многу прашања во врска со смртта на 14 пациенти и нивните роднини во тетовскиот ковид-центар на 8 септември годинава, документацијата за проектот расчистува некои дилеми во однос на надлежноста и одговорноста за контролата на изградбата, функционалноста и заштитните механизми, пишува Дојче веле.

Според овие документи, директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач во локалниот надзор, како и во делот на локалниот инспекциски надзор. Бесими, кој повеќе од 11 години беше в.д. директор на Тетовската болница, во меѓувреме понуди оставка на функцијата, исто како и економскиот директор на клиниката Артан Етеми, кој не се споменува во документацијата.

Во документите се наведува дека во речиси сите фази од изградбата и контролата на објектите надлежни се локалните власти. Во случајот на тетовскиот модуларен ковид-центар, се наведува дека од подготвителната фаза, па се до последната оперативна фаза, за контрола на изградбата, функционалноста и заштитните механизми во објектот надлежни се, во различни сегменти, општинските власти во Тетово или изведувачот-понудувач „Брако“.

Оваа ситуација се повторува и во речиси сите други модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата- како надлежни за комплетниот надзор над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“. Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра.

Од Општина Тетово денеска соопштија дека модуларните болници се градени според посебен закон, во кој специфично е наведено дека Министерството за здравство е надлежно за сите аспекти од функционирањето на модуларните болници.

„Што се однесува до надлежноста на институциите за контролната и оперативната фаза во врска со тетовската модуларна болница ве известуваме за следното:Градењето на самата модуларна болница во Тетово како и на сите други низ државата, се изградени со посебен закон, каде што сите надлежности се насочени на централно ниво, односно министерството за Здравство кое го издава решението“, се вели во соопштението од Општина Тетово.

„Комуналните инспектори немаат надлежност да вршат контроли врз посебни објекти и градби од прва категорија. Системите за безбедност и за гасење на пожар и контролата на нивната функсионалност се исто така се под надлежност на Министерството за здравство, односно и на други институции од централно ниво,“ додаваат од општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот