Директорот на тетовската болница поднесе оставка

Директорот на тетовската Клиничка болница, д-р Флорин Бесими, соопшти дека поднесува оставка, по завчерашната трагедија во која починаа 14 луѓе во модуларниот ковид-центар во болницата.

„Почитувани граѓани, почитувани тетовчани, дозволете ми во мое име и во име на сите вработени од Клиничката болница на Тетово да изразам уште еднаш сочувство до семејствата на загинатите во трагичниот настан што се случи во модуларната болница за Ковид-19 во Тетово.

Како доктор, кој цел мој професионален живот сум го посветил во лекување на моите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болницата во Тетово, со која раководам последниве години, чувствувам морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи.

Почитувани, со голема тага за секоја жртва и за секој член на нивното семејство, Ве информирам дека, поради оваа морална одговорност која ја чуствувам, давам оставка од раководното место директор на Клиничката болница Тетово.

После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна. Во исто време, се надевам дека ќе заврши што побрзо целосната истрага и ќе се утврдаат причините за пожарот во модуларната болница во Тетово за пациентите со Ковид -19.

Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе постави една морална линија, која сите како општество сме ја заборавиле.

Загубата на човечки живот во една ваква состојба е голема трагедија. Функцијата не е пред достоинството и човечноста.

На повредените им посакувам побрзо да закрепнат!

Јас, со целосна доверба целиот мој живот сум го посветил за здравјето на граѓаните и на нашето општество. Изразувам почит и сочувство кон моите тетовчани, и останувам во нивна постојана услуга.

Господ да го благослови моето Тетово и моите тетовчани!
Со длабоко сочуство и искреност, Фљорин Бесими“, напиша тој во соопштението за јавноста.

Д-р Бесими е брат на актуелниот министер за финансии, Фатмир Бесими.

Видео на денот