Директорот на АНБ даде отчет пред собраниската комисија: Системски е проблемот, нема одговорност за скандалот „Онишченко“

Зарко Милошевски, директор на АНБ/Фото: Слободен печат

Поради системски проблем, олигархот Олександар Онишченко добил македонско државјанство. Дали ќе има и кој е одговорен за пропустот за кој алармираше и американската амбасадорка, остана неодговорено, бидејќи ни директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски ни претседателот на собраниската комисија за надзор над безбедносните служби Љупчо Пренџов не одговорија, бидејќи информацијата е на ниво на државна тајна и не може да се сподели со јавноста. Ова накусо е епилогот од отчетот на новиот директор на АНБ Милошевски пред Комисијата за случајот „Онишченко“.

– Законска обврска е да реферирам за случајот „Онишченко“. Пред собраниската Комисија детално ги образложив фактите и аргументите и со оглед на фактот дека се работеше за сензитивна материја и за класифицирани информации не би можел да дадам повеќе детали за реферирањето, а сите одговори ќе ги даде претседателот на Комисијата и пратениците – рече Милошевски.

Пренџов информира дека во случајот „Онишченко“ станува збор за системски пропусти. Со поништувањето на државјанството, Владата фактички потврдила дека се работи за системски проблем.

– Седницата беше затворена на ниво на државна тајна. Директорот на АНБ презентираше одредени активности кои Агенцијата ги презела. Како претседател на Комисијата сум загрижен што Агенцијата ги полни насловните страници со негативности и сметам дека мора да се стави крај на тоа. Треба да има ред, професионализам и АНБ да е чувар на државата. Со оглед на доверливоста на информациите, нè информираа за дел системски пропусти и добивме редослед што се случувало од откривањето на случајот „Онишченко“ до сега. Директорот и претходниот ги именува премиерот, односно Владата, и тој на дневна основа одговара пред премиерот и Владата. Ние сме членка на НАТО, може да бидеме власт и опозиција, да разговараме за дневна политика, но кога се работи за професионалноста на безбедносниот систем мора да сме на врв на задачата. Владата треба да понесе одговорност што работела Агенцијата – рече Пренџов.

Тој информира дека со денешното реферирање на директорот на АНБ завршува информацијата за случајот „Онишченко“. Ни Пренџов не одговори дали и кој ќе понесе одговорност за случајот „Онишченко“.

– Информациите кои ги добивме ќе бидат доставени и до премиерот и до Владата. Тие ќе треба да одговорат – рече Пренџов, кој ја прекинал комисиската расправа за дојавите за бомби бидејќи директорот на АНБ и мнозинството побарале расправата да биде затворена за јавноста.

Тој смета дека нема да има никаква полза ако информацијата за дојавите за бомбите ја знаат само 14 пратеници, кога не смее да се сподели со јавноста за да се смири паниката и хаосот кај граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот