Династијата Малдини испиша историја во Италија
Фудбалерот на Монца, Даниел Малдини, дебитираше за италијанската репрезентација во Удине на натпреварот против Израел (4:1) во четвртото коло од групата А2 на Лигата на нации, со што ја продолжи традицијата на неговиот дедо Чезаре и таткото Паоло, кои исто така беа репрезентативци на Италија.
Препорачано
Синоќа како замена за Џакомо Распадори во игра во 73. минута влезе Малдини (23) и на тој начин дебитираше за италијанската репрезентација.
Ова е прв пат во историјата дедо, татко и син, односно три генерации фудбалери од едно семејство да играат за италијанската репрезентација.
„Неверојатно, позитивно чувство. Среќен сум што добив шанса да дебитирам. Драго ми е што моите родители имаа можност да го следат натпреварот од трибините. И на крајот најважно е што победивме – изјави Малдини по мечот.
Даниел Малдини порасна во Милан, а потоа играше како позајмен во Специја, Емполи и Монца. Тој во јули оваа година потпиша двегодишен договор со Монца.
Неговиот татко Паоло Малдини играше за првиот тим на Милан од 1984 до 2009 година. Паоло Малдини за италијанската репрезентација играше од 1988 до 2002 година на 126 натпревари и постигна седум голови.
Дедото на Даниел, Чезаре, во кариерата играл за Триестина, Милан и Торино, додека за италијанската репрезентација одиграл 14 натпревари од 1960 до 1963 година. Чезаре Малдини почина во 2016 година.


