Диме Спасов / Фото: ТВ Нова / скриншот

Диме Спасов се вратил од странство, отворил фирма и ќе работи како вештак-проценител

Пoранешниот функциoнер во владата на Никола Груевски, Диме Спасов, кој на 28 години стана министер за труд и социјална политика, се вратил од странство повторно да живее во Македонија, со планови да работи како проценител.

Како што пишува „Фактор“, Спасов пред неколку месеци повторно се вратил во земјата и пред неколку недели основал фирма со назив „Про солушнс асет“ како друштво за проценки и вештачења. Фирмата заедно со него ја основала Хана Муминовиќ, роднина на поранешниот пратеник и бизнисмен, Рафет Муминовиќ.

Спасов не коментира за враќањето во Македонија. Тој е поранешен референт во Акционерското друштво за стопанисување и изградба на станбени и деловни објекти, а беше и директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Последно што се пишуваше за него во медиумите е тоа дека се обидел да менаџира со хотел во Шпанија, потсетува „Фактор“.

Спасов беше претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а тој уште во младоста доби низа високи функции – директор на Агенцијата за млади и спорт, државен секретар во Министерството за правда, министер за труд и социјална политика…

Тој остана запаметен по инцидентот во 2016, кога со службен џип „туарег“ на Агенцијата за вработување, удри во две возила во скопската населба Тафталиџе, по што бегајќи беше запрен од полициска патрола, а потоа избега додека траеше увидот, оставајќи ја сопатничката сама со полицијата.

На местото потоа дојде вработен во Министерството за труд и социјала кој тврдеше дека тој возел, но не знаеше да им објасни на полицајците што точно се случило. Следниот ден, лажниот возач отиде во полиција и ја повлече изјавата. МВР поднесе три прекршочни пријави против Спасов, тогаш дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика во техничката влада. Тој тврдеше дека го бркале непознати насилници кои сакале да му наштетат и дека затоа бегал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот