Фото: Македонски олимписки комитет

Девет македонски спортисти со олимписки стипендии за ОИ Лос Анџелес 2028

Управниот одбор на Македонскиот Олимписки комитет (МОК) ја одржа својата редовна седница на која едногласно беа донесени низа клучни одлуки за успешното работење и идниот развој на олимпизмот. Во главните точки спаѓаа усвојувањето на извештајот за Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), именувањето на нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за ОИ Лос Анџелес 2028, по што беа свечено потпишани и договорите со стипендистите.

Претседателот на МОК Даниел Димевски истакна дека ЕМОФ, со рекорден број учесници, е препознаен од Европските олимписки комитети (ЕОК) како настан на највисоко ниво, реализиран од висококвалитетен и посветен тим. Како признание за успешниот настан и во духот на олимписката солидарност, Управниот одбор донесе одлука голем дел од спортската и останата опрема набавена за ЕМОФ да биде донирана на националните спортски федерации и на други институции од јавен интерес.

Исто така, донесена е одлука за именување на нов генерален секретар, Ѓорѓи Тасев. Димевски истакна дека е неопходна нова енергија од млади луѓе. Во тој контекст, едногласно беа избрани и Петар Спасеновски – Раководител на сектор спорт, Елена Зисовска Апостолска – Шеф на кабинет, Александар Богоевски – Директор на СЦ Јане Сандански, Сашо Димитријоски – Член на Управен одбор, и Дејан Митровски – Комесар за безбедност. Димевски им изрази огромна благодарност до досегашниот генерален секретар Сашо Поповски и досегашниот спортски директор Владимир Богоевски за нивниот непроценлив придонес во издигнувањето на МОК во изминатите години.

Меѓу останатите одлуки, Управниот одбор едногласно ги усвои и предлозите за новите Олимписки стипендии за ОИ Лос Анџелес 2028. Одобрени беа девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, беа и свечено потпишани договорите со стипендистите.

Стипендисти за ОИ Лос Анџелес 2028 се:

• Дејан Георгиевски (1.600 УСД) – Таеквондо
• Мила Рељиќ (1.600 УСД) – Таеквондо
• Дарио Ивановски (1.200 УСД) – Атлетика
• Ангел Петрушев (1.200 УСД) – Кајак
• Анастасија Мојсовска (800 УСД) – Спортско стрелаштво
• Магомедгаџи Нуров (800 УСД) – Борење
• Владимир Егоров (800 УСД) – Борење
• Душица Бреслиева (600 УСД) – Таеквондо
• Никола Ѓуретановиќ (400 УСД) – Пливање

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот