Деспотовски: Паметните држави уште сега креираат мерки за поддршка на компаниите кои ќе бидат главна движечка сила на економското опоравување

Во организација на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Регионалниот совет за соработка и Светскиот економски форум минатата недела се одржа работна средба со цел дефинирање следни чекори за реализација на иницијативата за создавање регионален иновациски фонд, каде што присутни беа и претставници од Европската комисија, Светска банка, директори и претставници на бизнис секторот.

На средбата беше презентиран моделот на функционирање на ФИТР и досега остварените резултати на национално ниво, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

–Со креирање регионален пазар од над 20 милиони, регионот ќе биде поатрактивен на мапата на инвеститорите отколку фрагментираните пазари. Така регионот ќе докаже и дека е вреден да се инвестира во него. Преку нашиот пример и портфолиото покажавме дека компаниите кои имаат финансиска поддршка покажуваат исклучително висок раст на продуктивноста во однос на претходните години, изјави Деспотовски.

Со раст на конкурентноста на фирмите, државата има поврат на вложените пари

–Според нашата анализа, кај примерок од над 200 микро до средни компании, просечниот раст на добивката во 2019 година е над 70 отсто, а износот на уплатени средства во Буџетот на државата по различни основи за 25 отсто го надминува износот што државата го уплатила преку Фондот во поддршка на иновации и технолошки развој во 2019 година. Значи, расте конкуретноста на фирмите, а истовремено државата има одличен поврат на вложените пари.

Затоа, паметни држави и општество треба и мора во оваа ситуација да размислуваат за она што следи по кризата и уште сега да креираат мерки за поддршка на компаниите кои ќе бидат главна движечка сила на економското опоравување, локално и регионално, истакна Деспотовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот