Фото: Приватна архива/Профимедиа

Дерматовенеролог Весна Бришкоска Бошковски: Контактен дерматитис во време на пандемија со коронавирус

Во време на пандемија со ковид-19, земјите воведоа различни препораки за превенција на трансмисијата на ковид-19. Следејќи ги санитарните препораки за почеста хигиена и дезинфекција, за време на пандемијата, преваленцата на егзема на рацете значително се зголеми, дури и кај лица кои претходно не биле афектирани.

Хигиената на рацете и пролонгираното носење на лична заштитна опрема, како превентивни мерки за заштита од трансмисија на вирусот, експоненцијално го зголемија проблемот со хроничната егзема, пред сѐ, на дланките, вели доц. д-р Весна Бришкоска Бошковски, спец. дерматовенеролог во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ – Скопје.

Како превентивните мерки за заштита од коронавирусот делуваа на општата популација?
– Меѓу основните заштитни мерки против ковид-19, потребата од често и продолжено миење на рацете со употреба на сапун и редовно користење на средства за дезинфекција на раце на база на алкохол е добро утврдена мерка за целото население. Здравствените работници воопшто, а особено оние кои се вклучени во директната грижа за пациентите заразени со ковид-19, мора да носат лична заштитна опрема, секојдневно многу часови и исто така да вршат општи превентивни мерки и надвор од работното место.

Иако свесноста за важноста на хигиената на рацете во спречувањето на инфекција со вирусот ковид-19 е висока, паниката што се појави ги натера луѓето да користат вода, сапун и средства за дезинфекција, поентузијастички отколку што всушност се бара. Токму тоа може да доведе до загуба на заштитната обвивка на кожата, можно е да се развијат кожни несакани реакции..

Во литературата, постојат извештаи за зголемена инциденца на дерматолошки, консултации за егзем на лице и егземи на дланка, кај општата популација, но особено кај здравствените работници, а индуцирани од честото миење на рацете и пролонгирана употреба на широкиот спектар на лична заштитна опрема, како што се маските за лице (Н95), очила, ракавици, наметки. Овие заболувања на кожа се должат на контактен дерматитис, од кои на иритативниот контактен дерматитис отпаѓаат 80 отсто од случаите.

Зошто е значаен овој проблем во текот на пандемија со ковид-19?

– Иако не е тешка болест, проблемите со кожата често имаат значително влијание врз менаџментот со итни случаи. Проблемот со дерматитис на рацете е многу важен од два аспекти. Прво, дерматитисот на рацете поради честото миење може да создаде влезна врата за SARS-CoV-2; сепак, ангиотензин-конвертирачкиот ензим 2, рецепторот за вирусот, е богато експесиран во кутаните крвни садови, базалните клетки, фоликулите на косата, екрините жлезди. Второ, сувоста, иритацијата на кожата и чешањето предизвикува и нарушавање на работната продуктивност, отсуство од работа кои се важни последици за време на пандемијата и потенцијално, да ја намалат ефективната работна сила.

Какви типови на контактен дерматитис (КД) постојат и како преголемата хигиена на рацете може да предизвика дерматитис?

– Познати се два типа на контактен дерматитис. Контактниот дерматитис предизвикан од иритација, се нарекува иритативен контактен дерматитис (ИКД) и КД индуциран од алерген, предизвикувајќи алергиски контактен дерматитис (АКД). ИКД е почест и на него отпаѓаат речиси 80 отсто од случаите.

Честото изложување на дезинфициенси за раце базирани на алкохол, може да предизвика патофизиолошки промени, како што се денатурација на протеините на корнеалниот слој на кожата, промени во меѓуклеточните липиди и оштетување на кератиноцитите, што доведува до последователно ослободување на проинфламаторни цитокини. Сепак, овие реакции, варираат во зависност од типот на алкохолот во составот на овие дезифициенси. Студиите покажаа дека изопропанолот и n-пропанолот предизвикуваат значителни промени на ниво на корнеалниот слој и кератиноцитите во епидермот, што не е случај со етанолот. Затоа, дезифициенсите на база на етанол подобро се поднесуваат на кожата. Антисептичките состојки што се користат во производите за миење раце, како што се хлорхексидин и триклосан, се вообичаени иританси на кожата. Честото миење раце ги отстранува природните масла од кожата, олеснувајќи ја пенетрацијата на иритансите низ нарушената епидермална бариера и започнува воспалителната каскада на настанување на КД.

На АКД отпаѓаат само 20 отсто од случаите со КД. Се работи за тип IV посредувана од Т-клетки, одложена реакција на хиперсензитивност на алерген. Првата изложеност на алергенот предизвикува сензибилизација на воспалителните клетки во телото. По повторното изложување на алергенот, сензибилизираните Т-клетки ќе иницираат воспалителни каскади што ќе доведат до ерупција на AКД.

Ерупцијата обично започнува 48 часа по контакт со алергените. Најчестите алергени асоцирани со АКД на рацете вклучуваат метали – никел, кобалт, формалдехид, кватерниум-15, мириси, бои, латекс, сурфактанти.

Како клинички се манифестира контактниот дерматитис?

– Предизвик e да се направи дистинкција помеѓу иритантен и алергиски контактен дерматитис на дланка, само врз основа на клиничкиот изглед, и затоа е неопходно користење на соодветни епикутани тестови за дијагноза. Во акутната фаза, и ИКД и AКД може да се манифестираат со појава на црвенило, брунчиња, меурчиња, и/или крусти. Десквамацијата, лихенификацијата и/или ранички имаат тенденција да доминираат во хроничната фаза на болеста. И акутниот и хроничниот дерматитис на дланка може да бидат асоцирани со јадеж и болка, сепак, иритативниот поверојатно е асоциран со чувство на печење или болка, додека aлергискиот контакт дерматитис може да биде повеќе асоциран со јадеж.

Кои професии и возрасни групи се најчесто засегнати со овој тип на егземa?

– Во време на пандемија со ковид-19, нејчесто контактниот дерматитис на дланка се јавува кај здравствениот работник, особено кај оние директно вклучени во грижата за болните од ковид-19. Но, во светската литература има и податоци за зголемена инциденца на дерматитис на дланка кај деца во предшколска возраст, а ризични фактори асоцирани се миење на рацете над 10 пати дневно и атописка дијатеза. Иритативниот дематитис е најчест кај домаќинките, а AКД се смета за професионална болест, најчеста кај работниците со метали, козметичарите, фризерите и здравствените работници.

Кои се ризични фактори за индукција или влошување на контактниот дерматитис?

– Најчести ризични фактори сигнификантно асоцирани за егзема на дланки се: честото миење раце, влажната средина, носење оклузивни ракавици, атописка дијатеза (лична или фамилијарна анамнеза за атописки дерматитис) изложеност на сапуни, синдети, дезифициентни марамчиња, средства за дезинфекција и детергенти кои може да ја иритираат кожата и да го зголемат ризикот за контактна сензибилизација.

Кои се мерките за превенција и третман на дерматитис на дланка?

– Стратегиите за борба против дерматитис на рацете поради честото миење вклучуваат идентификација на факторите на ризик, плакнење на рацете со лесни и неагресивни маневри, без предизвикување физичка иритација на кожата, нанесување хидратантни креми (повеќепати на ден и веднаш по миење на рацете), особено во текот на слободното време (мрсни креми или масти во дебел слој).

Употреба на дезифициенси на база на алкохол се претпочитува особено во медицинските установи. Се препорачува да содржат најмалку 60 отсто алкохол. Се препорачуваат средства за дезинфекција на рацете кои немаат алергени сурфактанти, конзерванси, мириси или бои. Во однос за препораките при носење ракавици – треба да се претпочитаат ракавици без гумени акцелератори (неопрен или нитрилни ракавици) и нанесување хидратантен крем откако ќе се измијат рацете.

Третманот вклучува избегнување на иританси и алергени, редовно користење на хидратантни и бариерни креми. Во случај на клинички знаци за контактен дерматитис, кратки курсеви од локални кортикостероиди и калцинеурин инхибитори, се аплицираат. Фототерапија или системска терапија, се користи според утврдените протоколи и упатства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот