Дерматолог Сузана Камберова: Што да правите кога кожата на детето ќе почне да се лупи и да црвенее

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Состојбата која на многу родители им е позната како атопична егзема во детската возраст е, всушност, хронично воспаление нa кожата, вообичаено придружено со умерен до силно изразен јадеж. Ваквата состојба може да биде постојана, секојдневна или, пак, да се повторува во напади помеѓу кои има периоди на смирување на воспалението. Поради силниот, понекогаш и неподнослив јадеж, детето најчесто е нервозно, плачливо и вознемирено. Може да е нарушен нормалниот циклус на ноќниот одмор – сонот на детето, кога поради топлината на постелата јадежот може да се интензивира, па на сите други симптоми се надоврзува и несоницата, која ги држи будни и родителите и вознемиреното дете. Така се создава затворен круг на причини и последици, кој понекогаш знае да го исцрпи целото семејство на ваквите пациенти, вели примариус Сузана Камберова, специјалист дерматолог.

Што е атопична егзема и како да се препознае?

– Поимот атопична егзема е широк и поврзан со некои други заболувања, кои се појавуваат во семејствата на деца со оваа болест (можно семејно наследување). Тоа се: поленската треска, астмата, егземата кај возрасните и алергиските воспаленија на очите. Вообичаено, атопичната егзема започнува уште во првата година на животот, иако симптомите не мора да се многу изразени. Може да се појави само црвенило на образите проследено со сувост и лупење на истите и доколку родителот внимателно го набљудува своето дете, ќе забележи дека бебето се обидува со триење да го ублажи јадежот на кожата, нервозно е и постојано плаче. Во потешки случаи, и кожата на другите делови на телото може да биде зафатена со осип во вид на црвенило, понекогаш со ситни мали мозолчиња (пликови) исполнети со течност (кај помала возраст и понежна кожа) кои брзо прскаат и се заменуваат со крастички и ситно лупење на зафатените делови. Почесто се зафатени превоите на кожата, како лакти и колена, лице, пред сѐ, образите, потоа и челото, но во потешки случаи и телото е зафатено со слични промени. Кожата на овие деца е посува одошто е нормално, а таквата сувост уште повеќе доаѓа до израз кога времето е студено, па водата од површниот слој на кожата испарува. Тогаш кожата лесно пука и се зацрвенува. Бидејќи јадежот во зафатените регии е постојан и изразен, децата постојано се чешаат и така дополнително кожата се здебелува на тие места и е покриена со ситни гребнатинки кои понекогаш крвават. Доколку се работи за училишни деца, поради постојаните тегоби со кожата и постојаниот јадеж, се намалува концентрацијата и вниманието на училиште.

Кои деца се повеќе погодени од атопична егзема?

– Се чини дека болеста ги напаѓа повеќе децата од индустриски поразвиените земји, а освен тоа забележан е постојан пораст на бројот на заболени од 1960-тите години наваму. Дали сето ова се должи на забрзаната индустријализација и загадувањето на човековата околина, сѐ уште е предмет на проучување и точните причини не се утврдени со прецизност. Првото дете во семејството е поверојатно дека ќе страда од атопична егзема во поголем број случаи отколку помладите деца, или пак, може да има потешка форма на заболувањето од другите деца. Многу е проучувана и улогата на контактот на децата во раната доенечка возраст со бактерии и други микроби од околината, и постои теза која е потврдена и со бројни студии, дека контактот со овие микроорганизми во период на новородено помага во зреењето на имунолошкиот систем и намалување на ризикот од алергиски болести. Со други зборови, детето не би требало да се држи во изразено стерилни услови, туку да се дозволи да биде и во контакт со бактериите од околината во која живее, особено преку уста (ставање на рака или предмет во уста без секогаш задолжително да се мие со врела вода), затоа што тоа може да му го намали ризикот за заболување од алергии.

Кои фактори го предизвикуваат ова заболување и дали се генерално исти кај секое лице? Има ли некоја поврзаност со храната што ја консумира?

– Провокативните фактори кои ја предизвикуваат оваа болест да стане видлива (манифестна) се разновидни и многубројни, и најчесто се различни кај секоја индивидуа. Во најраната детска возраст причинителите најчесто се во храната. Воопштено се советува овие деца да избегнуваат храна со какви било вештачки додатоци како конзерванси, адитиви, бои итн. Во категориите на храна што не се препорачуваат се сувомеснатите производи, замрзнатите производи, пијалаци како сокови со вештачки бои, семиња, како сусам, зрнести плодови како кикиритки, ореви, лешници, потоа чоколадата, какаото, но и многу други намирници кои може да се причина за појава на нов налет на егземата. Освен тоа и контактните алергени во облеката (волна, бои во ткаенините), инфекциите, некои хронични и нелекувани жаришта во организмот (хронични воспаленија, како на пример, чести ангини и воспаленија на крајниците), емоционелен стрес и конечно и некои алергиски причинители кои влегуваат во организмот преку воздухот (на пример, прашина), може да бидат причина за акутизација на хроничните жаришта на екцемот. Често овие деца поради тоа се чувствуваат мошне непријатно, а во екстремни случаи ваквите инциденти предизвикани од супстанции во нивната животна и работна средина (училиште) можат да доведат до уште поголемо емотивно оптоварување на малиот пациент, социјална изолација и тежок стрес. Потребно е големо разбирање од родителите, поширокото семејство и средината, а понекогаш во лекувањето на овие деца покрај дерматолог се вклучува и психолог.

Како се лекува оваа болест и кога треба да се обратат кај дерматолог?

– Лекувањето на болеста е долготрајно и потребна е упорност кај потешките случаи. Во најголем дел од случаите состојбата се подобрува како што детето расте. Превенцијата е важна во смисла да не се дозволи развој на хронични воспалителни жаришта во организмот, односно тие да се лекуваат и кожата редовно да се негува и во периодите кога состојбата е смирена.

За секој пациент потребно е да се утврдат некои фиксни причинители, кои секогаш без исклучок предизвикуваат иста реакција и треба да се избегнуваат. Тоа се постигнува со внимателно набљудување и забележување, доколку е потребно, на сите повторени реакции предизвикани од ист причинител.

Лекувањето со медикаменти се препорачува во периоди кога доаѓа до влошување или акутизација на воспалението. Основно во лекувањето е смирувањето на јадежот. Терапијата се одредува во соработка со лекар, а подоцна се даваат соодветни хидратантни креми или масти, кои ја одржуваат постигнатата состојба. Кожата на овие деца во секоја пригода треба дополнително да е намачкана со соодветен препарат за нега на сува и чувствителна кожа, бидејќи, како што погоре беше нагласено, овие деца имаат посува кожа од нормално и самата сувост, доколку кожата дополнително не се масти, предизвикува црвенило и јадеж.

Атопичната егзема е непријатна состојба, но доколку се научи како да се контролира и да се живее со неа и како да се негува кожата, во голема мера може да се избегнат повторените епизоди на акутно влошување и да се води нормален живот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот