Денови на претстави од независната продукција од 14 до 17 јануари ќе се одржат во Драмскиот театар
По направената селекција од пристигнатите апликации годинава на „Денови на претстави од независната продукција“, ќе се играат претставите на четири независни продукции.
Препорачано
Од 14 до 17 јануари на сцените „Ристо Стефановски“ и на Малата сцена во Драмскиот театар во Скопје ќе се играат претставите „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.
На 14 јануари, во 20 часот, ќе се игра претставата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје. Режисер е Војо Цветановски. Улогите се доверени на актерите Енџи Николовска и Бојан Лазаров.
Перформансот „СамоТи(И)Ја“ претставува кореодрама која обработува универзална, силна и длабоко емотивна тема – вечната човечка потрага по љубов и припадност. Концептот на перформансот се развива околу идејата дека љубовта може да дојде прерано, предоцна, да ја одминеме без да ја препознаеме или да помислиме дека никогаш нема да се појави, сѐ додека ненадејно не нѐ допре во најнеочекуваната и најубавата форма.
Во рамките на перформансот се истражува односот помеѓу две личности кои постојано се трагаат меѓусебно низ различни физички, емоционални и инстинктивни форми. Посебен акцент е ставен на сетилното истражување – допир, поглед, мирис – при што мирисот станува првиот импулс, водилка што ги насочува ликовите во нивната потрага по другото „јас“ – појаснува режисерот Војо Цветановски во описот на претставата.

На 15 јануари, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Delirium tremens“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер на претставата е Игор Трпчески, автор е Благоја Ристески – Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски.
Текстот „Delirium tremens“ започнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази, како апсурд, фарса, музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психодрама и антидрама или антитеатар.
Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

Во петок, на 16 јануари, се игра претставата „Кротка“, работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова заедно со актерот Сашко Орешков.
Монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга – млада, тивка и кротка девојка.
„Монодрамата претставува исповед на човекот кој во состојба на шок и вина, се обидува да го реконструира текот на нивниот однос, да ја разбере тишината на својата жена и причините за нејзиното самоубиство. Љубовта е претставена не како хармонија, туку како борба за доминација и разбирање. Монологот е исповед, но и обид за самооправдување пред себе, пред телото на мртвата жена и пред Бог. Монодрамата се изведува од еден актер кој го игра сопругот, во состојба на ментална растроеност. Тој ѝ се обраќа на сопругата, која лежи мртва во собата, и преку фрагментиран, емоционално набиен говор ги разоткрива нивниот брак, сопствената неспособност за емпатија и нејзината кроткост што со текот на времето станува безгласен крик. Делото е исполнето со експресивни монолози, внатрешен дијалог и се движи на границата помеѓу реалноста и халуцинацијата. Тонот е интимен, со постојани промени на емоционалната состојба – од рамнодушност, до изблик на вина, страв и очај ‘Кротката’ не е само лик, туку и архетип – симбол на жртвата, на жената задушена од патријархалниот морал, од грубоста на светот и од студенилото на еден маж кој не знае како да сака“, појаснува режисерката Микица Илова.

Деновите на претстави од независната продукција на 17 јануари ќе ги заокружи продукцијата „Златен Елец“ од Скопје со претставата „Сина сенка“. Режисер на претставата е Тамара Стојаноска. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.
Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
Во режисерска експликација се наведува: „Претставата ‘Сина сенка’ продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Претставата отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. ‘Сина сенка’ не завршува со спуштањето на завесата, таа продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка.“

Од Драмскиот театар информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена од 14 до 17 јануари се пуштени во продажба и ја покануваат публиката да ја искористи можноста да ги проследи и да ги поддржи претставите од поновата продукција на независната сцена. Сите претстави започнуваат во 20 часот. Билетите по цена од 500 денари може да се набават на www.karti.com.mk и на билетарницата на театарот.


