Денеска се навршуваат 93 години од раѓањето на Ацо Ѓорчев, легендата на македонскиот театар
Денеска, 19 ноември, се навршуваат 92 години од раѓањето на Александар Ѓорчев, еден од најистакнатите македонски глумци и режисери, човек чија работа и посветеност оставија длабоки траги во македонската култура и театарска уметност.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Роден во Кавадарци во 1933 година, Ѓорчев рано ја открил својата љубов кон сцената. По завршувањето на Филозофскиот факултет во Скопје (1961), тој ги продолжил студиите на Театарската академија во Белград, каде дипломирал во 1969 година. Неговата професионална глумечка дејност започнала во 1954 година во радио-драмата на Радио Скопје, по што кратко време работел со неготинските аматери.
Кариерата понатаму го водела во неколку значајни институции: како директор на Домот на културата во Неготино (1954 – 1962), како член на Народниот театар во Куманово (1962 – 1969), а од 1969 година до неговата смрт – како дел од Драмскиот театар во Скопје, каде што го оставил најголемиот дел од својот творечки опус.
Ѓорчев се истакнал со силни, харизматични и длабоки актерски интерпретации. Неговите улоги, како Змеј во „Јане Задрогаз“, Димитрија во „Диво месо“, Борис во „Хај-фај“, Кољо во „Тетовирани души“ и Скапен во „Ѓаволштините на Скапен“, се вбројуваат во врвните дострели на македонската сценска уметност.
За својата работа беше повеќепати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на високи државни и професионални признанија, меѓу кои „Златен ловоров венец“, државната награда „11 Октомври“ и Наградата „13 Ноември“ на град Скопје.
Покрај театарот, остави впечатлива филмска и телевизиска кариера, со бројни улоги во ТВ-драми, серии и филмови од 1960-тите до почетокот на 1990-тите, меѓу кои „Недела“, „Големата соба“, „Јуначко колено“, „Среќна нова ’49“, „Тетовирани души“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“ и други.
Александар Ѓорчев почина на 26 јуни 1993 година во Скопје, но неговото дело и денес живее преку спомените, наградите, снимките и генерациите актери кои ги инспирирал.
Денес, 93 години по неговото раѓање, го одбележуваме ликот и делото на човекот кој со својата енергија, талент и човечност остана врежан како една од најсјајните личности на македонската уметност.


