Шампионат на Мулет - Фото: JOHN THYS / AFP / Profimedia

ВИДЕО | „Грда на убав начин“ — Данците ја прославија „тарзанката“, фризура што никого не остава рамнодушен

Бизнис напред, забава одзади. Голема толпа во Копенхаген ја прослави култната, но често исмејувана фризура „мулет“ (кај нас позната како „тарзанка“), карактеристична по тоа што е куса напред, а долга одзади. „Данскиот шампионат на Мулет“ оваа година привлече 12 натпреварувачи со впечатливи фризури и повеќе од 1.000 гледачи, пренесува „Гардијан“.

Организаторот Стефен Стив Вебер (37) вели дека идејата ја добил по трансплантација на коса.

„Во свет каде што сè на социјалните мрежи мора да биде совршено, луѓето едноставно имаат потреба да се издвојат од толпата“, објаснува тој.

 

Натпреварувачите имаа по 60 секунди на сцената за да ги покажат своите „мулет движења“, а беа оценувани според стилот и уникатноста.

„Ми се допаѓа ако изгледа смешно или грдо на убав начин“, изјави Боби Агрен, еден од судиите и сопственик на фризерски салони. Настанот изобилуваше со луди перформанси, од пиење пиво на екс до брејкденс, а еден од учесниците дури ја стилизираше косата во боите на данското знаме.

Главната награда ја однесе 43-годишниот Томас Берг, кој ги воодушеви судиите диво скокајќи на трамбулина во неонски зелен дрес и портокалова лента на главата.

„Ова е само една голема забава. Убаво е кога си малку надвор од вообичаените рамки“, изјави Берг.

Иако Оксфордскиот речник ја припишува популарноста на терминот на групата „Бисти Бојс“ и нивната песна од 1994 година, оваа фризура беше хит меѓу хокеарите и музичарите уште во 1980-тите. Списанието „Вог“ ја прогласи за „фризура која најмногу ги поделила мислењата во историјата“.

Сепак, „тарзанката“ доживува глобално враќање. Списанието „Ај-Ди“ ја прогласи 2020 за „година на мулет“ кога поради карантинот луѓето ги оставија косите слободно да растат. Трендот се враќа на секои 20 до 30 години, па затоа вакви натпревари денес никнуваат ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот