Деловната клима во Германија се подобрува, но компаниите сѐ уште се песимисти

Фабрика за автомобили во Германија/ Фото EPA-EFE/FILIP SINGER

Деловната клима во Германија се подобри во мај, кога компаниите беа задоволни од актуелните услови, но нивните очекувања за иднината останаа песимистички, покажуваат податоците на минхенскиот институт Ifo, објавени денеска.

Индексот на деловното расположение се зголеми од 91,9 поени во април на 93 поени во мај.

Подобрувањето е јасно видливо во производниот сектор, каде компаниите известија дека нивната моментална состојба е нешто подобра, а се подобрија и деловните очекувања. Сепак, производителите остануваат скептични за следните месеци, бидејќи побарувачката е значително забавена, а со тоа и бројот на нови нарачки.

Слична е сликата и за услужниот сектор, каде компаниите се многу позадоволни од сегашните услови. Последното големо подобрување на индикаторот беше забележано во јуни 2021 година. Во исто време, ставовите станаа попесимистички, особено во компаниите кои работат во областа на логистиката и транспортот.

Што се однесува до градежништвото, деловната клима бележи благ пораст во однос на падот од април, а повисока е и оценката за тековните деловни услови. Сепак, повеќето компании остануваат песимисти.

Единствен исклучок е трговијата, каде и оценката за тековните состојби и очекувањата се подобрени, иако тие останаа негативни.

Податоците на институтот, исто така, покажуваат дека мерката за очекувања на Ifo благо се зголемила од 86,8 поени во април на 86,9 поени во мај. За споредба – во мај 2021 година индикаторот беше еднаков на 102,1 поени.

-Веројатноста за рецесија видливо се зголемува, изјави претседателот на институтот, Клеменс Фуст, цитиран од Блумберг. -Има многу песимизам за ситуацијата со гасот, додаде Фуст.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот