Дејвис: Ривалството меѓу Е. Пелистер и Вардар може слободно да се спореди со тоа на Порто и Бенфика

Вилсон Дејвис е новиот организатор на играта на Е. Пелистер/фото: РК Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер во новата сезона има шампионски амбиции кои се поткрепени со носење на неколку квалитетни засилувања меѓу кои е и португалскиот репрезентативец Вилсон Дејвис.

Дејвис кој игра на позицијата среден бек и во Битола доаѓа како замена за Јосип Периќ, беше и официјално промовиран како нов ракометар на Е. Пелистер.  Португалецот очекува Битола по пауза од 18 сезони повторно да се радува на шампионска титула.

– Шансата да дојдам тука ми ја понуди мојот менаџер кој ми кажуваше за идејата на клубот да конструира силен тим за да ги освои домашните титули. Тоа ме заинтересира многу и не беше тешко да се одлучам да потпишам за овој клуб. За мене е задоволство и голем предизвик што сум во Еурофарм Пелистер. Клубот има големи амбиции, сака да освојува титули, да биде градот среќен, бидејќи 18 години е без титула. Веќе нестрпливо сакам да играм и да освојувам трофеи пред нашите навивачи – вели Дејвис.

Оптимизмот кај Португалецот за претстојната сезона го влева квалитетот на ракометарите, како и новиот тренер, Данецот Ларс Валтер.

– Имаме искусна екипа и млади момци, но генерално многу има квалитет во оваа група. Добивме скандинавски тренер, со свои идеи за атрактивен ракомет. Се трча многу и се бара многу напади, но и силна одбрана, каква што е неопходна. Првите импресии ми се одлични, сите напорно работат и градиме нешто за да биде подобро.

Дејвис исто така е импресиониран и од битолчани кои добро го познаваат ракометот и очекуваат титула за која главната борба се очекува да биде со актуелниот шампион Вардар 1961. Тој смета дека македонското големо дерби може да се спореди со тоа меѓу Порто и Бенфика.

– Немав можност многу да го видам градот, но кога излегов воочив дека луѓето ме препознаваат, го знаат ракометот. На пример пред некој ден ми пријде еден човек и ми рече: „Оваа година ја сакаме титулата“. Ќе работиме како овој човек и сите навивачи да ги задоволиме. Спремен сум на тој притисок, веќе ми кажуваа за Битола и би била голема радост да ја донесеме титулата во градот. Играв во Порто и можам да ви кажам дека ривалството со екипите од Лисабон, посебно со Бенфика, е големо. Ова ривалство меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 може да се споредува со тоа. Го видов тоа и од видео снимките од минатата сезона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот