Дејвис ги разбуди „црвено-црните“, Вардар во Монпелје ја прекина серијата порази во ЛШ

Капитенот на скопските „црвено-црни“, Стојанче Стоилов/фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ракометарите на Вардар по пауза од пет месеци и седум порази по ред, конечно победи во Лигата на шампионите и тоа на гости кај Монпелје со 25:28. Ова воедно беше и прва победа за Давид Дејвис во првиот натпревар како тренер на Вардар во ЛШ, а на натпреварот во Монпелје се виде „раката“ на Шпанецот.

Вардарци со смирена игра во нападот каде изостанаа бројните технички грешки и одлична игра во одбрана каде доминираше Мартин Томовски со 14 одбранети шута, успеаја да го победат лидерот на табелата во групата А и драстично да ги зголемат шансите за освојување на едно од првите шест места кои носат пласман во нокаут фазата.

Вардарци одиграа одлично прво полувреме, Мартин Томовски ги одбрани првите два шута кон неговиот гол, а резултатот го отвори Оливие Њокас. „Црвено-црните“ со смирена игра во нападот каде изостанаа техничките грешки, односно грешките во додавања, ја имаа контролата над играта и на резултатот во целото прво полувреме. Францускиот тим, еднинствено во 13. минута поведе со 6:5, но Вардар веднаш возврати со два гола, а потоа со серија од 0:3 поведе со 7:10 во 20. минута.

До крајот на првиот дел, „црвено-црните“ не дозволија Монпелје да се приближи и со смирена игра во нападот и со одличниот Томовски на голот ја одржуваа предноста и на одмор заминаа со четири гола предност (10:14).

Во првиот дел блескаше Томовски со осум одбрани,додека во нападот браќата Њокас, Дибиров и Георгиевски постигнаа по два гола.

Второто полувреме започна со гол на Жереми Тото за предност од пет гола (10:15) по што следеше период од десет минути во кое се играше гол за голи Вардар ја одржуваше предноста на 4-5 гола. Во 40. минута, Вардар со серија од 0:3, Вардар ја прави најголемата предност од седум гола (13:20).Одличната игра на Вардар продолжи и по тајм-аутот на Патрик Канаје кога Оливие Њокас погодува за 13:21.

Домашниот тим се обиде со игра седум на шест и направи мини серија од 3:1 со која намали на 16:22 во 45. минута, но Тоту ја враќа предноста на Вардар на плус седум (17:23). Францускиот тим повторно прави серија од 3:1 и во 50. минута намали на 20:24 поради што Дејвис мораше да побара тајм-аут. Во првиот напад по тајм-аутот вардарци не го реализираа нападот, но благодарение на одбраната на Томовски, Стојанче Стоилов погоди за 20:25. Стоилов во 55. минута повторно погодува за 21:26, а Лен веднаш намали на 22:26. Во наредниот напад Моралес не беше прецизен,но Томовски на спротивната страна беше сигурен.

По пробивањето на Ѓукиќ, Деска во 57. минута намали на 23:26. Во наредниот напад Јоел Куни Моралес во 58. минута постигна гол за 23:27 со што ја завери победата на Вардар. На крајот „црвено-црните“ славеа со 25:28 и се искачија на шестото место на табелата со седум бода.

Мартин Томовски блескаше со 14 одбрани, додека во нападот Оливиие Њокас даде пет гола, Стојанче Стоилов, Куми Моралес и Жереми Тото дадоа по четири, а Дибиров постигна три гола.
Идната среда, Вардар во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува ППД Загреб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот