Дедомразовци и џуџиња ограбија маркет во Монтреал: „Храната е за оние на кои им е најпотребна“
Група лица облечени како Дедомразовци, придружувана од неколку „џуџиња“, ограби супермаркет во Монтреал и однесе прехранбени производи во вредност од неколку илјади долари. Потоа објавија соопштение во кое наведоа дека храната ќе биде поделена на луѓе на кои им е најпотребна, нагласувајќи дека станува збор за „трик во стилот на Робин Худ“ со цел да се укаже на растечката криза на трошоците за живот, пренсува „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Групата, која се нарекува „Робин де Руел“ (Robins des Ruelles), во своето обраќање остро ја критикуваше концентрацијата на моќ во рацете на неколку големи трговски синџири. Според нив, тие продолжуваат да ги зголемуваат цените и профитните маржи, додека милиони Канаѓани се соочуваат со сè поскапи основни животни потреби.
„Сè повеќе работиме само за да можеме да купиме храна од супермаркети кои ја користат инфлацијата како изговор за остварување рекордни профити“, наведоа од групата.
Полицијата соопшти дека ја истражува кражбата, но засега нема приведени лица.
Во меѓувреме, дел од украдената храна бил оставен на плоштад под новогодишна елка, додека остатокот, според најавите, ќе биде распределен преку локалните банки за храна.
„Не заборавајте – гладот ги оправдува средствата. Среќен Божиќ!“, порачаа тие во соопштението.
Околу 40 членови учествувале во акцијата. Компанијата „Метро“, сопственик на повеќе големи малопродажни синџири во Онтарио и Квебек, остро ја осуди кражбата, оценувајќи ја како кривично дело.
Портпаролката на компанијата, Женевјев Грегоар, изјави дека зголемувањето на цените е резултат на нарушувањата во глобалните синџири на снабдување, нестабилните цени на стоките, промените во меѓународната трговија, како и на малопродажниот криминал.
„Како трговци на мало, ние сме последната алка во синџирот на снабдување. Цените на полиците директно ги одразуваат трошоците во целиот синџир“, истакна таа, додавајќи дека „Метро“ во 2025 година донирала 1,15 милиони долари и обезбедил прехранбени производи во вредност од повеќе од 81 милион долари за банките за храна.


