Даниловски: Колку ли глувци и стаорци се накотени досега кога ѓубрето се натрупува со месеци?
Епидемиологот Драган Даниловски реагира дека купиштата ѓубре низ Скопје создаваат идеални услови за размножување на глувци и стаорци, кои се познати преносители на сериозни заразни болести како лептоспироза, хантавирус и дури бубонска чума. Овие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите, предупредува професорот.
Препорачано
Тој истакнува дека стаорците се размножуваат по експоненцијална прогресија, еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци во рок од само 18 месеци. Ова се должи на фактот дека условите во Скопје се исполнети со неограничени ресурси како храна, вода и простор поради долготрајното натрупување на отпадот.
„Прашањето што се поставува е колку ли се накотени досега, кога условите се оптимални, а сметот се натрупува со месеци и години“, вели Даниловски.
Епидемиолошките ризици растат експоненцијално, што претставува реална закана за јавното здравје. Иако денес постои научна медицина и антибиотици, тој предупредува дека е неодговорно да се дозволи создавање на биолошки резервоар на зараза во срцето на главниот град.
Посебно алармира на инцидентот со каснувањето на дете од глушец во училишен двор, што според него е „црвена линија“ која не смеела да се премине.
Даниловски апелира до сите надлежни институции за најитна и координирана интервенција, вклучувајќи и можност за прогласување вонредна состојба на одредени делови од градот. Основните мерки треба да бидат дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
По отстранување на опасноста, според него, мора да следи и јасна институционална одговорност за создадената ситуација.
„Комунална хигиена“ и Данела Арсовска под лупа на инспекторите


