Дали треба да ги јадете коските од конзервирана риба и кој не смее да ги консумира?
Конзервираната риба, некогаш сметана за основна храна во време на војна или протеинска резерва за итни ситуации, сега е неопходен дел од различни јадења. Но, додека уживаме во овие мали деликатеси, се поставува прашањето дали коските во нив се безбедни за јадење или дали, сепак, треба да се отстранат. Одговорот можеби ќе ве изненади, пишува „Хелт“.
Препорачано
Дали коските се безбедни за јадење?
Конзервираната риба обично поминува низ процес на конзервирање на висока температура и под висок притисок, што ги омекнува коските до тој степен што лесно можат да се изџвакаат и сварат.
– Со таа постапка се разградува структурата на калциумот, поради што коските стануваат меки и безбедни за јадење – изјавила за „Хелт“ Рима Клајнер, регистрирана диететичарка и портпаролка на организацијата „Диш он фиш“.
Иако поради својата омекнатата текстура коските се генерално безбедни, постојат исклучоци.
– Не препорачувам да се јадат цели коски од конзерва за луѓе што имаат проблеми со голтањето по зрачење, оние со нерегулиран ГЕРБ, како и ниту за деца под три години. На клиентите често им советувам н да ги пасираат сардините или лососот со сок од лимон за дополнително да ја разградат преостанатата коскена структура пред јадење – рекла за „Хелт“ Луиза Мејсон, спортска диететичарка и тренерка за сила.
Како процесот на конзервирање ги омекнува коските
При конзервирањето риба, производителите користат процес познат како ретортна стерилизација, во текот на кој рибата под притисок се загрева на повеќе од 115 степени Целзиусови.
– Со тоа не само што се убиваат патогените, туку се омекнуваат и колагенот и минералите во коските – објаснила Мејсон.
Коските стануваат кршливи и еластични, слично како што бавно готвената коскена срцевина станува мазна, а процесот воедно ја подобрува и текстурата и достапноста на хранливите материи. Кај сардините и инчуните, кои во старт имаат нежни и ситни коски, тие со текот на конзервирањето речиси целосно се распаѓаат.
Според Клајнер, ова ги прави безбедни, јадливи, па дури и вкусни за повеќето луѓе, а резултатот се коски кои практично се топат во месото, додавајќи суптилна текстура и значителни количини на калциум, фосфор и витамин Д. Кај лососот, поголема риба, коските се позабележителни, но со текот на конзервирањето под притисок тие значително омекнуваат.
– Овие омекнати коски се целосно јадливи и придонесуваат за кремастата текстура на конзервираниот лосос – рекла Клајнер.
Богат извор на калциум и други хранливи материи
Конзервираната риба е еден од најделотворните прехранбени извори на биорасположливиот калциум, наведува Мејсон. Покрај тоа, коските од конзерва содржат бор, минерал во трагови важен за метаболизмот на естрогенот и зачувувањето на коскената маса.
– Конзервираната риба е една од најчесто занемарените функционални намирници за активни и постари возрасни лица – рекла Мејсон.
Таа ги спојува протеините, омега-3 масните киселини, калциумот, селенот, па дури и коензимот Q10, и тоа сите во форма со долг рок на траење.
Истражувањата ги потврдуваат нејзините предности. Студија од 2024 година покажала дека луѓето што јадат конзервирана риба можат да живеат подолго од оние што не ја јадат. Во друга студија, научниците заклучиле дека консумирањето конзервирани сардини е поефикасно во подобрувањето на здравјето и долговечноста отколку земањето додатоци во исхраната од рибино масло и дека помага во внесувањето повеќе омега-3 масни киселини.
Иако истражувањата продолжуваат, прелиминарните резултати сугерираат дека јадењето конзервирана риба може да го намали ризикот од одредени видови рак. Така, една студија од 2022 година открила дека конзервираната риба може да штити од рак на дебелото црево исто колку и свежата риба.
Конзервираната риба не е само финансиски прифатлива, туку е и лесна за подготовка и полна со протеини.
– Освен тоа, морските плодови од конзерва се вкусен протеин богат со хранливи материи, совршен за јадење директно од конзервата или како додаток во салати, тестенини и пици – рекла Клајнер.
Таа додала дека се преполни со хранливи материи клучни за цврсти коски, отпорен имунолошки систем и здравје на мозокот.
– Ги советувам клиентите да ја јадат два до четири пати неделно, наизменично сардини, див лосос и инчуни за да внесат различни микронутриенти и да ја намалат изложеноста на тешки метали – заклучила Мејсон.
Кога коските е, сепак, подобро да се избегнуваат
Некои луѓе избегнуваат да јадат коски од конзервирана риба поради одбивноста кон текстурата или стравот од коските.
– Ако некој е чувствителен на текстурата, има пречки во варењето или е на диета со низок удел калциум, можеби ќе претпочита да ги отстрани коските – рекла Клајнер.
Исто така, треба да избегнувате јадење коски ако рибата не доаѓа од сигурен извор или изгледа недоволно обработена.
– За да бидете сигурни, коските треба лесно да се кршат под притисокот на вилицата – советува Мејсон.
Коските треба да ги избегнуваат и луѓето со хронична болест на бубрезите, бидејќи мора да го следат внесувањето на фосфорот, кој може да биде зголемен во коските од конзерва. Јадењето коски не се препорачува ниту за луѓе со тешкотии при голтање, дисфагија и гастроинтестинални проблеми, како и ниту на трудниците, кои треба да ја ограничат изложеноста на жива.
Сепак, од безбедносна гледна точка, коските не се штетни, тоа е само прашање на личен избор.
– Освен ако не станува збор за специфичен здравствен проблем или изразена одбивност кон текстурата, тие ситни коски не се само безбедни, туку и дополнителен плус – заклучила Клајнер.


