Дали златото- металот на царевите сè уште е крал на безбедните инвестиции?
Во свет каде криптовалутите експлодираат, берзите потонуваат и инфлацијата се искачува до десетгодишни врвови, едно прашање останува постојано: дали златото денес вреди онолку колку што вредело во минатото? Историјата и бројките покажуваат дека иако улогата му се менувала, златото сè уште е еден од најмоќните финансиски столбови.
Златото не е само метал – тоа е симбол на доверба кој опстојува веќе шест илјади години. Во минатото, неговата вредност не била прашање на пазарни движења, туку на политички одлуки. Во времето на златниот стандард (19–20 век), една унца злато чинела само 20,67 долари – фиксна и стабилна цена што ја одржувале владите.
Со укинувањето на златниот стандард во 1971 година, светот влезе во нова ера: златото стана стока чија цена ја диктираат пазарите, а не владите. Пазар кој, како што се покажа, е многу подинамичен.
Препорачано
Од стабилна валута до инвестициско засолниште
Повеќе од половина век по крајот на златниот стандард, златото ја задржа својата најважна улога – средство за заштита од економски шокови. Денес, металот реагира на инфлација, глобални кризи, слабеење на доларот, геополитички тензии, несигурност на берзите. Не е случајно што за време на најголемите кризи во модерната историја – од рецесијата во 2008 до пандемијата во 2020 – златото доживува историски скокови.
Историските податоци зборуваат сами за себе. Во 1971 година, унца злато чинела само 35 долари. Во 1980 година се искачува на 850 долари, поради инфлација и геополитички потреси. Во 2011 година, за време на светската финансиска криза, достигнува 1.920 долари. Во последниве години, цената се приближува или надминува 2.300–3.500 долари, турната од глобална неизвесност. Тоа значи дека златото денес вреди над 70 пати повеќе отколку пред слободното тргување нешто што не може да се пофали ниедна валута на планетата.
Предности што ја одржуваат неговата вредност
Денешното злато не е средство за плаќање, но е средство за обезбедување. Историски, златото ја чува куповната моќ подобро од валутите. Кога пазарите паѓаат, златото расте или останува стабилно. Може да се купи и продава на секој континент. Златото не може да банкротира. Но златото не е совршен инвестициски инструмент. Не создава приход и за разлика од акции или обврзници, нема дивиденда или камата. Може да стагнира како што е случајот од 1980 до 2000 година цели две децении, сè уште имало периоди со ниска или падната вредност.
Се поставува прашањето дали златото е подобра инвестиција денес отколку во минатото? Златото не е валута, но останува крал на безбедните инвестиции. Неговата вредност денес не произлегува од фиксна цена, туку од глобалната потреба за стабилност и заштита во време на криза. И додека светот се менува од дигитални валути до вештачка интелигенција златото ја задржува улогата што никогаш не ја изгубило, останува столб на доверба кога сè друго е неизвесно.


