Собрание пратенички прашања/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Дали буџетот е во криза или нè учат на трезорска дисциплина?

Ненавремената исплата на тековните социјални трансфери внесе страв дека со Буџетот нешто не во ред. Министерката за финансии тврди дека тој е во одлична кондиција и дека работите околу трезорот се извадени од контекст, односно тој продолжува со работа

Никогаш досега немало какво било затворање на државниот трезор, односно краен рок за примање нови налози за исплата, велат поранешните министри за финансии со кои разговаравме. Информацијата што протече во јавноста дека трезорот ќе се затвори на 15 декември, односно денеска, ја вознемири јавноста, особено што веста дојде пред да се исплатат социјалните трансфери и К-15 за јавната администрација. Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди веста, со тоа што потенцираше дека ќе има толеранција. Според него, тоа се прави за да се воведе финансиска дисциплина, односно да може да се исплатат налозите, а не тие да се чекаат до последен момент. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска е децидна дека трезорот не е затворен и дека работите се извадени од контекст.

Во јавноста почна да се шпекулира дека тоа се прави затоа што нема пари во државната каса. И податоците од Министерството за финансии покажуваат дека полнењето на државната каса не оди според планираното. Заклучно со 11 декември собрани се речиси 315 милијарди денари (околу 5,1 милијарди евра), што е 86,3 проценти во однос на планираниот износ. Повеќе од јасно е дека за неполни 20 дена не може да се наполни касата со уште 800 милиони евра за да се стигне до планираните приходи од речиси 5,9 милијарди евра за годинава.

Експертите со кои разговаравме се децидни дека ако не се реализираат повеќе плаќања кон институциите како резултат на запирањето на налозите ќе се намали буџетскиот дефицит, но ќе се генерираат неизмирени обврски што ќе прават притисок наредната година, затоа што парите од буџетот планирани за годинава, ако не се искористат од страна на буџетските корисници – пропаѓаат. Тие не може да се пренесат во наредната година, и така буџетскиот корисник ќе треба да ја почне 2026 година со плаќање обврски за кои нема испланирано пари во буџетот за 2026 година.

Владата молчеше и должеше

Но, зошто се доцнеше со редовното буџетирање? Тоа е прашањето што внесе страв и паника, паралелно со веста дека налозите на буџетските корисници ќе се примаат само до 15-ти декември.

Најранливите категории граѓани на почетокот на месецов секојдневно се упатуваа на шалтерите за да видат дали им стигнале парите од социјална помош, детски додаток, социјална пензија, туѓа нега… Во недостиг на официјално објаснување од страна на државата, банките излепија листови со напишано дека уште не им се префрлени пари за социјалните трансфери. На 12 декември Министерството за социјална политика, демографија и млади конечно информира дека започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за ноември.

Се молчеше и за повратот на ДДВ за граѓаните. Откако почна масовно да се пишува, од Министерството за финансии стигна објаснување дека станува збор за технички проблем. Дел од граѓаните тврдат дека сè уште не добиле пари.

Меѓу првите најави за некакво затворање на буџетската сметка на државата стигнаа од претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и од здруженијата на граѓани Трпе Деаноски, кој на 11 декември изјави: „Ниту судиите ниту административците до 10 декември не ја зеле ноемвриската плата, а нема абер ниту за исплата на регресот за годишен одмор, иако се знае дека до 15 декември ќе се затвори трезорската сметка“.

Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди информацијата и рече дека многу е важно сите институции навремено да ги достават налозите до трезорот за да може трезорот навремено да ги плати.

– Ако се доставуваат налозите на 25, 27, 28… повторно Владата ќе биде виновна зошто тоа навремено не е платено. Се разбира, ќе има толеранција, но ова беше кажано сè со цел институциите одговорно да се однесуваат и да може да се изврши плаќањето до доверителите – рече Мицкоски.

Каде е растот на БДП во буџетските приходи?

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека ниту во негово време, а ниту потоа никој не применувал затворање на буџет за налози.

– Ова е нешто непознато. И кога нема усвоен буџет за наредна година од разни причини, а таков пример имавме, се донесува одлука за времено функционирање за наредните месеци додека буџетот да биде усвоен, за да нема блокада. Но сега имаме нормален буџет, а имавме и некој мини ребаланс што помина минатата недела без ништо конкретно да се каже. Од Владата стигнуваат само пофалби, но каде е реалноста? Велат трети сме по раст на БДП. Но, што имаме од тоа ако ние имаме раст од 3,8 проценти на БДП, а Германија има 3 проценти? Ние сме на сосема различни економски нивоа. Од друга страна, што се случи во државава што ние имаме толкав раст на БДП од 3,8 проценти? Каде ние тоа го почувствуваме? Јас сум песимист и мислам дека премногу се расфрлуваме со бројки, а вистината ете ја и во полнењето на буџетот – изјави Хајредини за „Слободен печат“.

 

И поранешниот министер за финансии Никола Поповски вели дека трезорот досега никогаш не се затворил „освен вообичаено на 30 или 31 декември во зависност од работните денови“.

– Претпоставувам што проблем имаат, но сепак побарајте си службено информација од Министерството за финансии – кусо ни одговори Поповски.

Димитриеска-Кочоска: Пред фактите и боговите молчат

Трезорот работи и нема простор за паника, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по објавите дека трезорот се затвара на 15 декември.

– Не сме го заклучиле трезорот. Ова прашање го следам деновиве и излезе од контрола. Друго е рокот што сме им го дале на институциите да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи секоја институција да ги достави налозите до 15-ти за да може да се организираме и да се следи исплатата со 31 декември – истакна Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на информациите дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката за финансии тврди дека во трезорот не стојат налози за исплата.

– Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовка на налозите. Од она што го имав добиено како податок од Министерството за социјална политика беше дека имаат нови потпишани решенија што чекаат да се стават во систем да почне исплатата наеднаш – рече министерката.

Таа тврди дека Буџетот е во одлична кондиција и дека обврските нема да останат несервисирани.

– Пред фактите и боговите молчат. Ќе дојде 31 декември, ќе се видиме повторно, ќе видиме каква е реализацијата – рече Димитриеска-Кочоска.

Предупредување за да се достават налозите е и европска практика

Експертите со кои зборувавме велат дека во светот не е непозната практиката за „техничко“ затворање на буџетот. И во европските земји, како во Германија, Франција и Италија, имало практика за известување до буџетските корисници да ги испратат своите налози до 15-ти или до 20 декември.

– Кај нас имаме практика налозите да се испраќаат во последен момент. Тоа се многу налози и реално Министерството за финансии не може да ги процесира. Затоа, во ред е да се испрати предупредување, но тоа не значи затворање на трезор. По кој основ, по кој закон би се затворил? Тоа едноставно е неможно. Налози мора да се примаат, но друго е дали ќе се процесираат. Проблем може да биде ако многу налози останале неплатени. Обврските остануваат за наредната година, а таму не се планирани – велат експертите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот