Да се врати Груевски е скоро невозможно, вели аналитичарот Арсовски
Политичкиот аналитичар вели дека два фактора прават веројатноста Груевски да се врати во Македонија да е „еднаква на нула“
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за ТВ „24“ вели дека можноста поранешниот премиер Никола Груевски да се врати во Македонија е минимална, речиси и непостоечка.
Препорачано
Груевски, кој во 2018 година избега во Унгарија и таму доби политички азил, а во 2022 и унгарско државјанство. Тој отворил сопствен бизнис, консултантска компанија, пишуваат деновиве унгарските медиуми. Според нивните информации, компанијата е мала и нема вработени, но имала стабилни приходи. Лани таа „свртила“ околу 9.600 евра, од кои 5.600 евра биле профит.
„Можноста Груевски да се врати во Македонија е минимална, практично непостоечка од повеќе причини меѓу кои една е и постоењето на унгарско државјанство. Политички азил по својата природа е привремена правна состојба која кога во матичната земја ќе се сменат околностите може да се укине, но државјанство, по Европска конвенција на човекови права, не може да се земе – треба да постојат многу јасни причини за тоа, повреда на многу голем број на закони, така што, Груевски да биде екстрадиран во Македонија, веројатноста е минимална. На тоа ја додавам изјавата и на премиерот Мицкоски дека доколку Груевски се врати во Македонија, ќе мора да оди во затвор, дури и за повторување на судењата, така што тие два фактори според мене прават веројатноста Груевски да се врати во Македонија да е еднаква на нула“, вели Арсовски за ТВ „24“.
Од Министерството за правда, по информацијата за тоа дека Груевски има унгарско државјанство, велат дека поранешниот премиер останува македонски државјанин и се товари со правосилни судски одлуки и активни постапки. Објаснуваат дека се преземаат сите билатерални, правни и дипломатски чекори за негова екстрадиција.
Поранешниот премиер беше обвинет во вкупно седум судски случаи. Од нив, пресуда има за случајот „Тенк“, во кој Груевски беше осуден на две години затвор. Извршувањето на казната за ова дело е застарено во октомври 2024 година. Во случајот „Насилство во Центар“, Груевски беше осуден на година и пол затвор, а во случајот „Плацови на Водно“ доби девет години затвор. Извршувањето на затворската казна за случајот Насилство во Центар застарува во 2027 година, а за случајот „Плацови на Водно“ – дури во 2043 година. Случаите Траекторија и ТНТ се застарени додека пак судскиот процес за Талир 1 и 2 и Титаник е во тек.
Груевски избега од Македонија во 2018 година, откако беше прогласен за виновен и осуден на затворска казна за злоупотреби и корупција додека беше премиер. Тој побара и доби политички азил во Унгарија од тогашниот премиер и негов сојузник, Виктор Орбан, а деновиве беше откриено дека Груевски во 2022 добил и унгарско државјанство, како и дека отворил консултантска компанија во земјата.


