„Цивил“ бара референдум, граѓани се организираат да ја бранат Универзална

Фејсбук-групата „Градот убав“ повикува на собир под мотото „Солидарни за срцето на Скопје“, на 6 август, во 20 часот.

Неизвесноста околу судбината на Универзална сала продолжува. Бурните реакции од граѓаните на социјалните мрежи не стивнуваат, ни покрај уверувањето на градоначалникот Петре Шилегов дека во игра е и реновирање и реконструирање и уривање, а дека најдобрата опција ќе се избере по широки консултации, по што е можен и референдум.

На референдум повика и граѓанската организација „Цивил“.

– „Цивил“ донесе одлука да поднесе иницијатива за локален референдум за Универзална сала, дали ќе се гради на нова локација, дали ќе се реставрира сегашниот објект или ќе се урива, а на негово место ќе се гради парк… За тие и други прашања поврзани со оваа тема, најдобро е да се организира референдум – најавија од оваа организација.

Оттаму се на ставот дека овој важен објект заслужува широка граѓанска дебата и одлука за неговата судбина.

– Потребно е да се побараат решенија за прашањата и на меѓународно ниво, а конечната одлука да биде донесена по одржување на консултативен локален референдум за судбината на Универзална сала – сметат од „Цивил“.

Во одбрана на Универзална сала застана и фејсбук-групата „Градот убав“, каде што граѓаните се повикуваат на собир под мотото „Солидарни за срцето на Скопје“, на 6 август во 20 часот, да дојдат на платото на Универзална сала и да го изразат својот револт против уривањето на овој објект.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот