Чадиковски: Обвинителството и МВР се бавни, нема одговор за запалените автомобили или за онлајн заканите врз новинарите
Комуникацијата на обвинителството со јавноста не е пи-ар, туку дел од самата правда, порача претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски, кој зборуваше на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“.
Препорачано
Тој нагласи дека контакт-точките во Обвинителството и во МВР, како и измените во Кривичниот законик, се напредок што ЗНМ го цени. Но, посочи тој, „сега се потребни видливи резултати, а не декларации“.
„Кога новинар е нападнат, загрозено е правото на сите граѓани да знаат. Уставот во член 16 изречно ја забранува цензурата. Сè уште нема епилог за запалените автомобили на новинари, ниту одговор на онлајн заканите врз новинарките, каде што и ОЈО и МВР се премногу бавни. Молкот не е неутралност“, нагласи Чадиковски.
Како што посочи тој, вистинската транспарентност на обвинителството се гледа преку „нископрофилните“ случаи, што според претседателот на ЗНМ значат живот за обичниот граѓанин – децата, ранливите граѓани, семејното насилство.
„Критиките се во корист на посилно, поотворено и поодговорно Обвинителство, на кое и новинарите и граѓаните повеќе ќе му веруваат“, рече тој.
ЗНМ бара итна истрага за серијата онлајн напади кон „Слободен печат“


