Целијакија кај кучиња: Може ли вашиот миленик да има пречувствителност на глутен?
Иако целијакијата со децении се сметаше за исклучиво човечка болест, последниве години се отвора прашањето дали кучињата можат да развијат сличен нарушен одговор на глутенот. Одговорот не е едноставен, кучињата не заболуваат од целијакија во буквална смисла, но можат да развијат состојба со слична природа, глутенска ентеропатија, која сериозно го нарушува нивното здравје доколку не се препознае навремe, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Според анализа објавена од ветеринарната лабораторија „Лабоклин“, кај одредени раси (особено ирски сетери и бордер териери) е забележана чувствителност на глутен што предизвикува бројни дигестивни, а кај некои кучиња и невролошки тегоби. Кај ирските сетери се развива форма на глутенска ентеропатија слична на човечката целијакија, со оштетување на цревната слузница, привремена атрофија на ресичките, зголемена пропустливост и инфилтрација на лимфоцити. Кај бордер териерите се појавува пароксизмална глутенски сензитивна дискинезија – состојба со необични грчеви, треперење и отежнато движење, но без губење на свест.
Сепак, според производителот на храна „Имби пет фуд“, глутенска нетолеранција може да се јави и кај кучиња од други раси. Во студии со мешанци, француски булдози, лабрадори и германски овчари, се забележани слични симптоми и позитивна реакција на безглутенска исхрана. Иако овие случаи сѐ уште не се целосно разјаснети на молекуларно ниво, практичното искуство укажува дека се реални и клинички значајни.
Што е глутен и како влијае на кучињата?
Глутенот е група протеини присутни во пченицата, јачменот, ’ржта и спелтата. Кај здраво куче, овие протеини нормално се варат и апсорбираат. Но кај кучиња со преосетливост, глутенот предизвикува имуни одговор што ја оштетува слузницата на тенкото црево, го нарушува варењето и апсорпцијата на хранливи материи и со тек на време предизвикува системски проблеми.
Најчести симптоми на глутенска преосетливост кај кучиња:
- Хронична дијареа
- Повраќање и губење на апетит
- Губење на тежина или неможност за добивање на тежина
- Надуеност, гасови, болка при допир на стомакот
- Заостанат раст кај кутриња
- Промени на кожата: црвенило, чешање, лупење, перут, опаѓање на влакната
- Хронични инфекции на ушите и усната празнина
- Замор, слабост, раздразливост
- Невромоторни симптоми: треперење, епизодни грчеви, проблеми со координација
- Промени во столицата – од мека и светла до течна, често со непријатен мирис
Овие симптоми се неспецифични и може да укажуваат и на други нарушувања, поради што дијагнозата е сложена. Затоа, како што наведуваат од „Лабоклин“, ветеринарите најчесто користат елиминациска диета: кучето се става на безглутенска исхрана од 4 до 6 недели. Ако симптомите исчезнат, а потоа се вратат по повторно внесување на глутен, тоа ја потврдува преосетливоста.
Во одредени случаи, особено кај бордер териери, може лабораториски да се измери присуство на специфични антитела како дијагностички маркер. Но овие тестови не се широко достапни и не се стандардизирани за сите раси.
Како се лекува?
Терапијата се базира единствено на исхрана. Единствениот ефикасен и долгорочен пристап е целосно отстранување на глутенот од оброците. Сопствениците треба внимателно да ги читаат декларациите на комерцијалната храна, бидејќи многу од нив содржат скриени извори на глутен: пченичен скроб, брашно, нуспроизводи од житарки или јачменов слад.
Идеална храна за куче со глутенска преосетливост треба да содржи:
- Еден извор на протеини (на пр. лосос, јагнешко, мисирка)
- Безглутенски јаглехидрати (батат, ориз, леблебии)
- Формулација што е хипоалергена или под ветеринарски надзор
По преминување на диетата, кај многу кучиња се бележи видливо подобрување во првите неколку дена, а целосно закрепнување обично се постигнува за 3 до 8 недели. Кај кучиња со невролошки симптоми, закрепнувањето може да биде побавно и да бара подолг надзор. Дури и мали количини на глутен може повторно да ги вратат симптомите – затоа исхраната мора строго да се следи.
Иако кучињата не развиваат целијакија на ист начин како луѓето, некои од нив можат да развијат сериозна глутенска преосетливост што бара точна дијагностика и целосна промена на исхраната. Благодарение на сѐ поголемиот број истражувања и ветеринарски искуства, денес ова нарушување може успешно да се препознае и третира. Ако вашето куче страда од упорна дијареа, осип, замор или чудно однесување по јадење – можеби е време да размислите за безглутенска исхрана и консултација со ветеринар.


