Цела Куба повторно без струја: Електричната мрежа падна по втор пат
Електричната мрежа на Куба утрово повторно се прекина, оставајќи ја целата земја без струја по втор пат, неколку часа откако властите објавија дека напојувањето почнало да се нормализира. Кубанската електрична мрежа вчера околу пладне доживеа целосен колапс поради дефект во електрана при што повеќе од 10 милиони луѓе останаа без струја. Прекинот на струја е нов голем проблем на островот, каде жителите се соочуваат со недостиг од храна, гориво, вода и лекови, пренесува Хина.
Препорачано
Дури и пред колапсот на електричната мрежа, владата ги затвори училиштата и дел од индустријата по големиот недостиг на електрична енергија во обид да го одржи снабдувањето со електрична енергија.
Синоќа се врати струјата во делови од главниот град Хавана, вклучително и некои од главните болници во градот, при што жителите се надеваат дека снабдувањето со електрична енергија ќе се нормализира.
Владата ги припишува прекините на струја во изминатите неколку недели, често од 10 до 20 часа на ден, на лошата инфраструктура, недостатокот на извори на енергија и зголемената побарувачка. Покрај тоа, силните ветрови, кои започнаа со ураганот Милтон, ја намалија способноста на Куба да набавува гориво од бродовите.
Испораките на гориво за Куба се значително намалени оваа година, бидејќи клучните сојузници на владата во Хавана – Венецуела, Русија и Кина – ги намалија испораките.
Најголемиот добавувач на нафта во Куба, Венецуела, ги намали субвенционираните резерви на просечни 32.600 барели дневно во првите девет месеци од оваа година, што е едвај половина од 60.000 барели дневно испорачани во истиот период минатата година.
Кубанската влада, исто така, го обвинува американското трговско ембарго, како и санкциите наметнати од поранешниот претседател Доналд Трамп, за потешкотии во набавката на гориво и резервни делови за управување со нафтените постројки.


