„Цар Борис“ ќе го повампири фашизмот и во Охрид

Фото: Фејсбук/принтскрин

По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот, вели првиот човек на Еврејската заедница, Пепо Леви

Партијата Левица повика на масовни протести задутре, во 11:30 часот, пред трговскиот центар „Амам“ во Охрид, за каде што е најавено свечено отворање на уште еден бугарски клуб со скандалозно име „Цар Борис Трети“, кој бил соработник на Хитлер и фашистички окупатор на Македонија за време на Втората светска војна.

Ниту една државна институција не го спречи закажаното отворање на овој клуб, иако е најавено пред неколку месеци, веднаш по промоцијата на клубот „Иван Михајлов“, на 16 април, во Битола, настан што предизвика бурни реакции и обид за негово палење.

Слично како и во Битола, каде што на отворањето присуствуваше тогашниот премиер Кирил Петков, ексминистерката за надворешни работи Теодора Генчовска и потпретседателката Илијана Јотова, и за отворањето во Охрид се очекуваат високи политички гости од Бугарија, но засега не е прецизирано кои гости.

Тешка провокација, повампирување на фашизмот

Левица смета дека овој потег е насочен кон уривањето на уставниот и на државниот поредок на Македонија.

„Поради отворањето на контроверзното здружение, именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот ‘Цар Борис Трети’, Левица Охрид ја повикува целокупната здраворазумна јавност на протест против уривањето на уставниот и на државниот поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата“, повика партијата.

Левица најави и дека ќе поднесе иницијатива за забрана на новоотвореното охридско здружение. Според Левица, основањето на здруженија со називи „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ е „директно насочено кон насилно уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија, а особено кон разгорување на национална омраза“.

На отворањето на клубот реагираше Еврејската заедница, која „остро се спротивставува на повампирувањето на ликови од фашистичкиот период на Бугарија“.

„По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво. Ние ќе поднесеме и кривична пријава до Обвинителството“, изјави претседателот на Еврејската заедница на Македонија, Пепо Леви.

Тупанчески: Овој клуб не може да го спречиме

Од друга страна, министерот за правда Никола Тупанчески најави дека наскоро ќе се формира советодавно тело, кое ќе ја разгледува употребата на имиња на историски личности во називи на здруженија, до донесувањето на новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации.

„До донесувањето на новиот закон, формиравме ад хок тело, сакајќи на некој начин да го бајпасираме овој вакуум што станува сè понепријатен и мора како држава да бидеме подготвени за некакви идни потенцијални провокации“ вели Тупанчески.

Во врска со тоа дали ќе се дозволи да се отвори клубот во Охрид без став од советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија, Тупанчевски рече дека најавите се такви, но како Министерство немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.

„Комисијата е формирана и на последната седница е разговарано околу некои технички аспекти. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана нивната конститутивна седница, бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која што е поставена пред нив“, рече министерот.

За тоа дали Комисијата ќе ги разгледува случаите ретроактивно, тој вели дека доколку сакаме да направиме некакви „ретроакции“, неговото мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции.

„Кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера, тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства. Сето тоа е содржано и во Кривичниот законик на Република Северна Македонија“, изјави Тупанчески.

Д-р Милен Врабевски, специјален гостин

Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ на Фејсбук објави дека добил поддршка од Бугарско-еврејскиот научен институт од Бугарија, од каде наведуваат дека царот Борис имал решавачка улога во спасувањето на 48.000 Евреи од Бугарија за време на Втората светска војна. За разлика од нив, бугарската окупаторска администрација ја организирала и ја спровела депортацијата на повеќе од 7.000 Евреи од Македонија, кои биле испратени во смрт во нацистичкиот логор Треблинка во Полска. Неодамна клубот презентираше документи кои наводно покажуваат дека лично бугарскиот престолонаследник и поранешен премиер на државата, Симеон Сакскобурготски дал согласност клубот да го носи името на неговиот татко, царот Борис.

„Овие документи се доставени до властите во Северна Македонија за да се има доказ дека цар Симеон не лаже дека е наследник и дека е верен потписот со кој добивме одобрение за отворање на бугарските клубови во Охрид и Богданци. Веќе немаме зборови да објасниме каде одат работите кога се во прашање македонските Бугари“, велат од клубот во Охрид.

Специјален гостин на отворањето в петок, според најавата, ќе биде бугарскиот бизнисмен и филантроп, д-р Милен Врабевски, основач на фондацијата „Бугарска памет“, со чија финансиска помош е основан вториот бугарски клуб во Македонија. Доктор Врабевски е познат по тоа што пред две години ги помагаше Македонците во Мала Преспа, Албанија, за кои официјална Бугарија тврди дека се бугарско малцинство во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот