Тупанчески вели дека нема никакви ингеренции околу здруженијата со имиња на контроверзни историски фигури

Фото: Фејсбук/принтскрин

До донесувањето на новиот Закон за здруженија и фондации, формиравме ад хок тело, сакајќи на некој начин да го бајпасираме овој вакуум, што станува се понепријатен и мора како држава да бидеме подготвени за некакви идни потенцијални провокации, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.

Прашан дали ќе се дозволи отворање на нов бугарски Културен клуб во Охрид под името „Цар Борис Трети”, без став од Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија, Тупанчески рече дека најавите се такви, но дека, за жал, како Министерство за правда практично немаат никакви ингеренции, бидејќи тоа е владина комисија.

– Сведоци сте дека ја формиравме пред месец дена работната група или ад хок телото во рамките на Владата на Република Северна Македонија, која што треба како советодавно тело да дава сопствено мислење околу карактерот на историските личности коишто треба да бидат составен дел од името на некое здружение или фондација. Чув дека постои таква најава, Комисијата е формирана и на последната седница е разговарано околу некои технички аспекти и тоа не е Комисија во рамките на Министерството за правда, туку е тоа владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана нивната конститутивна седница, бидејќи имињата се познати и би требало таа комисија да почне со работа, односно да биде на ниво на задачата која што е поставена пред нив, изјави Тупанчески, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на првиот академски час на Правниот факултет денеска во Скопје.

За тоа дали Комисијата ќе ги разгледува ретроактивно случаите, Тупанчевски, рече дека доколку сакаме да направиме некакви „ретроакции”, неговото мислење и како професор и како министер за правда, е дека тоа треба да го направиме преку други институции.

– Знаете дека кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера, тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства и сето тоа е содржано и во Кривичниот законик на Република Северна Македонија, изјави Тупанчески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот