Бугарското наспроти европското законодавство: Вие сте апсолутен престапник…

Бојко Борисов/фото: Olivier Matthys / AFP / Profimedia

Или како Бугарија се обидува да ја изигра Европската комисија со Директивата за презумпција на невиноста

Бугарија има два месеца за да одговори на ставот на Европската комисија (ЕК) зошто целосно не ја пренела во националното право Директивата од 2016 година за презумпција на невиноста. Во спротивно, Комисијата може да се обрати до Судот на ЕК во Луксембург и да побара државата да биде казнета. Комисијата ги има истите барања и кон Хрватска, Кипар и Романија.

Директивата 2016/343 на Европскиот парламент и Европскиот совет, односно зајакнувањето на некои аспекти на презумпцијата на невиност и на правото на лицата да присуствуваат на судскиот процес во кривичната постапка, беше донесена во пролетта 2016 година. Таа е дел од мапата одобрената во 2009 година од Советот за зајакнување на процесните права на осомничени лица или на обвинетите во рамките на кривичната постапка. Идејата на оваа мапа е да обезбеди минимални стандарди коишто треба да помогнат во зближување на законодавството и така да ја олесни соработката меѓу надлежните органи и судската заштита на индивидуалните права.

„Како основен проблем што го налага упатството на Судот на ЕК, Комисијата посочува дека бугарското законодавство не ги обезбедува потребните гаранции дека обвинетите лица против кои се водат предистражни постапки или судски постапки нема да бидат презентирани и третирани како виновни од страна на државните органи, пред судот да изрече ефективна казна“, вели за „Капитал“ проф. д-р Христо Христев, професор за Европско право на Правниот факултет на Универзитетот во Софија.

Според него, широко распространетата употреба на средствата за физичка принуда, како што се употребата на лисиците и полициската придружба на осомничените или обвинетите, без оглед на специфичниот степен на опасност што го претставува однесувањето на една или друга личност. Бугарија требаше до месец мај во 2018 г. да ги усвои заедничките европски правила за јавно гонење на вината, за тоа како се презентираат осомничените и обвинетите во општеството, кај кого е товарот на докажувањето, за правото на лицата да молчат и самите да не се инкриминираат, да бидат присутни на судењето и.т.н.

Бугарија ја извести Комисијата дека ги применила насоките со измени и дополнувања на вкупно шест закони. Но, измените пријавени од Владата покажуваат дека тие немаат никаква врска со предметот и целите на Директивата. Во практика, земјата се обиде да ја измами Комисијата. На пример, како чекор за примена на Директивата, беа презентирани измени во Законот за облигациски односи и договори, коишто влијаат врз застареноста во случај на делумно претставување на побарувањето…

Во моментов се во тек 122 процеси против Бугарија за неефикасно спроведување на европското законодавство. Случајот во кој државата се обидува да ја „сруши“ ЕК е далеку од изолиран, но е дел од пошироко распространета практика. На пример, минатата недела „Слободна Европа“ објави текст за тоа како на патот некаде помеѓу Националното собрание и Владата, во текстот одобрен од Владата за изменување и дополнување на Законот за јавни набавки, исчезна текстот со кој приватните болници се обврзуваат да одржуваат тендери при трошење јавни средства. Поради нееднаквиот третман на приватните и јавните болници, Европската комисија поведе постапка против Бугарија. Како одговор, Владата ги усвои нацрт-амандманите и го извести Брисел за тоа, но текстот потоа исчезна од нацртот на Законот.„Како и во другите случаи на неефикасно спроведување на актите на европското законодавство во Бугарија, не е јасно преку кои специфични одредби од домашното законодавство се исполнети условите од Директивата, бидејќи Бугарија идентификуваше дури шест акти како мерки што ги спроведуваат барањата на ЕК за да се обезбеди презумпција на невиност. Следствено, ова го оневозможува впечатокот во јавноста за деталното регулирање на правата загарантирани со правото на ЕУ во бугарското законодавство, а од друга страна дозволува бескрупулозна игра на државата за коментирање на прелиминарните пресуди, кои имаат за цел толкување на релевантните европски акти пред да бидат имплементирани во Бугарија“, коментира проф. Христов.

Всушност, Директивата, чие донесување толку внимателно сака да го скрие Бугарија, третира еден многу важен проблем – кршењето на презумпцијата на невиност од страна на властите при презентирање на осомничените или обвинетите во јавноста.

„Презумпцијата на невиност ќе биде повредена ако, во јавни изјави на јавни органи или судски одлуки, освен решенија за вина, осомничениот или обвинетиот се прогласи за виновен пред да се утврди неговата вина согласно законот. Таквите изјави и судски одлуки не треба да остават впечаток дека оваа личност е виновна“, се вели во Директивата.

Голем број пресуди на Европскиот суд за човекови права се донесени против Бугарија, со кои се идентификуваат овие проблеми. Таквата практика постои уште од времето на Бојко Борисов како генерален секретар на Министерството за внатрешни работи, преку постапките на Цветан Цветанов и на шоу-обвинителот Роман Василев, до размислувањата за „криминалната транзиција“ на главниот обвинител Иван Гешев, со кои бугарските власти спроведуваат долга историја на тоа дека некој обвинет е виновен пред правосилноста на судските одлуки.

За големината на проблемот говори и фактот што во последните пет години, Бугарија беше осудена најмалку шест пати од Европскиот суд за човекови права во Стразбур за кршење на презумпцијата на невиност од страна на високи политичари и обвинители во државата.

Напишано од Росн Босев

Пренесено од „Капитал“ од Софија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот