Бубрезите од донорот на срцето ќе се трансплантираат денеска, коските во наредните денови

Пациентот кој денеска го прими срцето од донор е на возраст од 22 години и има сериозно заболување што го оштетува срцето, соопштија од Министерството за здравство. Од починатата девојка донор во наредните денови ќе се трансплантираат и бубрезите, а  коски ќе добијат пациенти со тешки фрактури кои немале можност да стават протези или на кои карциноми им ги оштетиле коските.

Претходно министерот за здравство Венко Филипче за МИА изјави дека трансплантацијата поминала успешно и дека пациентот постепено се буди.

– Два бубрега од донорот денеска ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. В понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава – се наведува во соопштието од Министерството.
Тие упатуваат голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други.
Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Според МЗ, тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно. Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина.
– Благодарни сме на сите лекари кои учествуваа во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката – истакнуваат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот